Почна израдбата на првата зграда која ќе го реши станбеното прашање на 32-ца припадници на Армијата на Република Македонија. Оваа зграда е во рамки на проектот „АРМ – мој вистински дом“, преку кој припадниците на Армијата под поволни услови ќе дојдат до сопствено живеалиште.
На денешното поставување на камен темелник, на локација зад касарната „Илинден“ во Скопје, покрај министерот за одбрана Зоран Јолевски и припадниците на АРМ, присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
„Мене ми е задоволство што започна да се реализира овој проект кој што го зацртавме од поодамна. Имаше пречки во минатото за неговата реализиација, но тие се надминаа и сега голем број на воени лица, на официери, подофицери, војници и така натаму ќе можат да го решат своето станбено прашање. Ова беше наше ветување, во нашата програма, најпрво во партиската програма пред изборите, а потоа и во владината програма, така што среќен сум и задоволен што дојде до реализација на овој проект, односно што започна да се реализира“, истакна Груевски.
Груевски подвлече дека припадниците на АРМ под поволни услови ќе го решат станбеното прашање.
„Со овој проект практично им се дава можност на многу поевтин начин да дојдат до сопствен стан, во ситуација каде што Министерството за одбрана ги покрива трошоците за камата, се дава на мошне поволни услови и долг период од 20 години отплата, месечните рати се ниски зависно од големината на станот- помеѓу 4.500 и 11.000 денари месечно, зависно колку е голем станот. Така што под исклучително поволни услови, практично со директна поддршка на државата и Министерството за одбрана им се дава можност да дојдат до сопствен стан“, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од 32-та стана осум се еднособни, осум двособни, осум трособни и осум четворособни станови. Цената на еднособниот стан ќе биде околу 19 илјади евра, а за вработените на АРМ ќе ги купуваат на 240 месечни рати во висина од околу 70 евра во денарска противвредност. За најголемите станови вработените во АРМ ќе треба да издвојат околу 45 илјади евра, кои ќе ги плаќаат исто така на 240 рати, но во висина од околу 170 евра во денарска противвредност.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски потенцираше дека проектот ќе трае се додека има интерес од страна на припадниците на АРМ.
„Овој проект има за цел да им помогне и да го зајакне стандардот на припадниците на АРМ. За него има голем интерес од страна на старешините, офицерите, професионалните војници и цивилните лица во АРМ. Со овој проект по мошне поволни цени ќе обезбедиме лицата кои работат во АРМ го решат своето станбено прашање“, рече Јолевски.
Во овој момент, информира тој, за станови се пријавени 250 припадници на АРМ кои сакаат на овој начин да го решат своето станбено прашање, меѓутоа, како што рече, ако има и поголем интерес ќе се продолжиме со градба на вакви станови. Потенцира дека проектот ќе се реализира се дотогаш до кога ќе има интерес од вработените во АРМ.
Освен изградбата на станови во Скопје, предвидено е станови да се градат во Велес, Прилеп, Штип и Куманово.
Министерот Јолевски истакна дека за вработените во АРМ да можат да ги купат становите по овие поволни цени, Владата и Министерството за одбрана ги обезбедуваат парцелите каде ќе се градат зградите, оти МО ги плаќа комуналиите за изградба кон општините и Градот Скопје, како и каматата за кредитите. За да можат да го купат станот припадниците на АРМ треба да дадат 20 отсто учество од висината на вредноста на станот.