Како одговор на потребите на стопанството и локалниот пазар на труд, а воедно и дефицитот на стручни работници во компаниите во национални рамки, Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија ја спроведува втората фаза на кампањата „Учи паметно, работи стручно“, во соработка и со поддршка од проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“ (Е4Е@мк) и Швајцарската агенција за развој и соработка.
Кампањата „Учи паметно, работи стручно“ има за цел да ја подигне јавната свест за средното стручно образование, да едуцира и информира за неговата важност за националната економија преку унапредување и усогласување на понудата и побарувачката на пазарот на труд.
Успешната реализација на 19 настани во форма на социјален дијалог меѓу МОН, локалните самоуправи, бизнис заедницата и средните стручни училишта како прва фаза од проектот, резултираше со креирање нови образовни профили и зголемување на бројот на дуални паралелки во училиштата за дури 5% од вкупниот број паралелки во земјата, кои во иднина ќе создадат квалификуван кадар, со стручни вештини и компетенции, кој одговара на потребите на реалниот сектор.
Дуалното образование всушност значи учење преку пракса, па во рамки на овој проект повеќе од 200 компании изразија интерес за соработка со средните стручни училишта. Вакви дуални паралелки ќе се отворат вкупно 97, и тоа во 25 општини на територија на целата земја плус во градот Скопје, каде локалните компании ќе нудат практична настава за 2.200 ученици запишани во новата учебна година, 2021/2022. Со ова, компаниите всушност даваат можност учениците од средните стручни училишта да ги усовршат своите вештини преку реална примена, но и да се стекнат со знаења и да се запознаат со културата и навиките на работа во секоја компанија. Се работи за добро познати компании за локалното население, но и во национални рамки, а меѓу нив се вбројуваат и „Алкалоид“, „ЕВН“, „Раде Кончар“, „Ван Хоол“, „Ариљеметал“, „Кромберг и Шуберт“ и многу други.
Во проектот за дуално образование се вклучени 46 средни стручни училишта кои ќе понудат голем број различни струки кои одговараат на потребите на локалниот пазар на труд.
Но, кои се најбараните струки и за какви сè образовни профили ќе можат да се пријавуваат учениците?
Подолу ви претставуваме детален приказ за најбараните струки по општини, но и компаниите кои ќе се вклучат во дуалното образование и кои ќе понудат пракси и понатамошно вработување за учениците.
Најактуелна во учебната 2021/2022 год. ќе биде машинската струка за која ќе се отворат дури 17 различни стручни паралелки во 14 општини низ земјата, плус дополнителни 6 стручни паралелки во Скопје. Оваа струка покрива профили како машински техничари, заварувачи, техничари за производно машинство, автомеханичари и сл.
По машинската, Министерството за образование и наука во својот дијалог со општините и локалниот бизнис сектор, идентификуваше дека голема потреба ќе има и за хемиско-технолошката струка, па во учебната 2021/2022 г. ќе бидат отворени вкупно 15 стручни паралелки, од кои 12 се на локално ниво, додека 3 ќе бидат во Скопје.
Практично исто, односно со свои 14 паралелки следната година ќе биде електротехничката струка, која на средношколците од прва година ќе им биде достапна во 8 општини низ РС Македонија низ 10 паралелки за различни образовни профили плус дополнителни 4 стручни паралелки во Скопје.
Потреба од агротехничари и слични профили од земјоделско-ветеринарната струка најмногу има во 5 општини, односно во Битола, Ресен, Струмица, Куманово и Прилеп, каде ќе бидат отворени вкупно 6 стручни паралелки.
Очигледно актуелни се побарувањата и за економско, правната и трговска струка со најчест образовен профил економски техничар, но и бизнис администратор и референт за продажни услуги. Од оваа струка ќе се отворат вкупно 8 стручни паралелки од кои 5 во Прилеп, Гевгелија, Кочани и Куманово и 3 стручни паралелки во Скопје.
Не помалку важна, особено за Охрид, Крива Паланка, Гевгелија и Струмица ќе биде и угостителско-туристичката струка за која ќе бидат отворени вкупно 5 стручни паралелки, и тоа за готвачи, келнери, слаткари, угостителски техничари и хотелско-туристички техничари.
Покрај овие 6 струки, во учебната 2021/2022 г. нема да бидат запоставени ниту останатите дефицитарни профили, односно голем број стручни паралелки ќе бидат отворени и за гелошко-рударската и металуршка струка, за градежно-геодетската, за здравство и социјална заштита, повеќе профили за лични услуги, потоа за сообраќајната струка, за текстилно-кожарската и за шумарско-преработувачка.
Но она што е можеби и најважно, особено за младите, како дополнителна мотивација за запишување на учениците во средните стручни училишта, Министерството за образование и наука за првпат воведува стипендии за дуалните стручни паралелки. Имено, околу 2.000 ученици запишани во прва година, во дуалните паралелки во тригодишното и четиригодишното образование ќе добиваат месечен износ од 3.500 денари во времетраење од 9 месеци, додека 200 стипендии во износ од 2.200 ден. ќе бидат доделени на ученици запишани во прва година во дефицитарните струки како електротехничката, машинската, угостителско-туристичката, градежно-геодетската, земјоделско-ветеринарната и текстилно-кожарската струка.
Преку овој проект, Министерството за образование и наука директно вложува во креирање можности за брзо и лесно вработување на младите, по завршување на средното образование, со што се надминува проблемот на младинска невработеност и заминувањето на сè повеќе млади надвор од земјата.