Се тресеа Црна Гора и Босна и Херцеговина – погодени од 15 земјотреси

Од 4 часот и 6 минути утринава до 6 часот се регистрирани дури 15 земјотреси на територијата на Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Првиот и најсилен земјотрес со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала е регистриран околу 4 часот во областа Никшиќ и оттогаш тлото не престанува да се тресе, што се и очекувани афтершокови.

За помалку од два часа на територијата на Црна Гора се регистрирани повеќе од десет земјотреси, а два земјотреси ја погодија Босна и Херцеговина.

Во 5 часот и 38 минути земјотрес со јачина од 2,8 степени според Рихтеровата скала е регистриран во Босна и Херцеговина.

Во овој момент се собираат информации од терен и засега нема информации за материјални штети од најсилниот земјотрес.

Земјотресот од 5,7 степени, кој беше регистриран на 32 километри северозападно од Никшиќ во 04:06 часот, го разбуди и Скопје, Белград, Сараево и Дубровник.