Се ублажува мерката за забрана за движење во шума

Поради намалениот број на пожари и врнежите од пред неколку дена кои ја подобрија состојбата, од денеска ЈП „Македонски шуми“ ја ублажува мерката за забрана за движење во шуми – само со однапред добиена дозвола, изјави на денешната прес-конференција директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

Правните и физички лица кои имаат потреба да се движат во природа, од денеска со однапред добиена дозвола ќе може да го направат тоа.

– Ова се однесува и на планинарите и на параглајдеристите, кои што ги користат планините за своите активности – посочи Ангелов.

Во моментот активни се четири пожари – над селата Раовиќ и Буковиќ, во Општина Сарај, над селото Патишка река, кон Јасен, во струмичко Василево и прилепското село Топлице,

– Во овој момент активен е пожарот над селата Раовиќ и Буковиќ, во Општина Сарај. Овој пожар трае 15-тина дена. Утрово, на ова место дејствуваат два армиски хеликоптери, кои што се обидуваат да го изгаснат, но поради спецификата на самиот терен и вегетацијата, која гори, односно корењата кои што се малку под земја и над нив има тресет, многу тешко оди гаснењето на овој пожар. Тој не претставува опасност за населените места и штета не е многу голема, бидејќи станува збор за нискостеблести растенија – изјави Ангелов.

Активен е и пожарот над селото Патишка река, кон Јасен, но тој се држи под контрола, а реактивиран е и пожарот во прилепското село Топлице, кој, исто така, брзо ќе биде ставен под контрола.

– Имаме активен пожар во струмичко Василево, кој што е на тромеѓето на општините Берово, Радовиш и Струмица. Во беровско е над селото Нивичани. Овде, пред се, горат остатоци од исечени дрвја, но верувам дека овој пожар ќе биде совладан во текот на денешниот ден – појасни Ангелов.

Во посета на ЦУК, информираше Анеглов, денеска бил американскиот генерал Најт од Националната гарда на Вермонт, со кого било договорено продолжување на досегашната соработка и посета на нивни инструктори, кои би помогнале во комплетната реформа на Системот за управување со кризи и противпожарната заштита.