Се укинуваат лиценците за интернет игри на среќа

-Поради неправилности во работењето, пропусти и основани сомнежи за незаконско работење и постапување Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои информацијата во врска со потребата за престанување на Друштвото за приредување на електронски игри на среќа, Нова Државна видео лотарија НОВО ВЛТ ДОО – Скопје и друштвата за приредување интернет игри на среќа, Друштвото за приредување интернет игри на среќа Државна лотарија – МОЗЗАРТ ДОО Скопје, Друштвото за приредување интернет игри на среќа Државна лотарија – 77 БИТС ДОО Скопје и Друштвото за приредување интернет игри на среќа Државна лотарија – ВЕЗУВ ДОО Скопје, во кои содружник е Акционерското друштво за приредување игри на среќа, Државна лотарија на Република Македонија и преземање активности за отстранување на платформата 2Win.mk за приредување интернет (онлајн) игри на среќа на Друштвото за приредување на игри на среќа, Државна видео лотарија на Република Македонија – КАСИНОС АУСТРИА ДОО – Скопје, информираат од Владата.

Се задолжува Друштвото за приредување на игри на среќа, Државна видео лотарија на Република Македонија – КАСИНОС АУСТРИА ДОО – Скопје да ги преземе потребните активности за отстранување на платформата 2Win.mk за приредување интернет (онлајн) игри на среќа од глобалната интернет мрежа, согласно Автентичното толкување на членот 7 ставови (2), (3) и (4) од Законот за игрите на среќа и забавните игри.