Се уништува ретко природно наследство

Локалитетот Црн Камен е единствен по ретки минерали во нашата држава, но е познат и по значајни културни остатоци од населба од праисториските периоди. Во моментов, се уништуваат и археолошки артефакти, реагираат од „02 иницијатива“ и, како и Левица, бараат Владата да ги спречи „грабежот и уништувањето на нашите природни

По апелот што го упати инженерот геолог Васја Дамески од Комитетот за заштита на природното и културно богатство, во петокот, а го пренесе весникот ВЕЧЕР, веднаш да запрат масовните минирања во близина на локалитетот Црн Камен во Прилепско, кои се прават за потребите на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, кој ги гради четирите автопатски делници на коридорите 8 и 10-д за 1,3 милијарди евра, со бурна реакција се огласија од „02 иницијатива“.

И тие предупредуваат дека се уништува ретко природно наследство, практично геолошки музеј под отворено небо, бидејќи овој локалитет содржи бројни ретки минерали, како македонит, кој е пронајден тука и го има на само уште еден локалитет во Шведска, потоа амазонит, титанит, рутил, монацит, арфедсонит, антас, кварц, аугит, циркон, апатит…

– Ова е ексклузивен локалитет, не само по единствениот број ретки минерали туку и по значајните културни остатоци од населба од праисториските периоди. Во моментов, се уништуваат и археолошки артефакти. Овој редок локалитет е значаен за светската научна јавност, како и од стопански и од археолошки аспект – реагираат од „02 иницијатива“.
Локалитетот Црн Камен или Каракамен се наоѓа помеѓу селата Алинци и Шелеверци, на само 10 километри јужно од Прилеп. Минирањата се за да се обезбеди материјал за градење на автопатот. Според информациите од геолози, материјалот од овој локалитетот не е погоден за тампон за пат, но, сепак, е одлучено да се поминува тука.

– Ова девастирање е овозможено со измените во Законот за минерални суровини за потребите на „Бехтел и Енка“, со кои минералните суровини што ќе им се најдат на патот, ќе можат да ги експлоатираат. Ако сакаат концесија за детални геолошки истражувања, им се издава директно во рок од 20 дена, а концесија за експлоатација на минералните суровини – во рок од 14 дена, без никакви стручни мислења од разни области, како животна средина, заштита на културното наследство, транспорт и врски, шумарство и водостопанство, земјоделство… и без мислење од општината на чија територија се наоѓа подрачјето за концесија – велат од „02 иницијатива“.
Оттаму нагласуваат дека со последните измени на законот, изгласани од пратениците на 27.11.2023, се овозможува на „Бехтел и Енка“, но не само ним, туку и на сите кои градат државни и општински патишта и хидротехнички објекти, покрај директна експлоатација на неметалични минерални суровини, собирниот кварц и песок и чакал вон коритата и бреговите на површинските водни тела, да ги експлоатираат за свои потреби и архитектонско-украсен камен, како мермер, гранит, габро, травертин, оникс, базалт, сијанит, бреча и други.

– Грабеж со еден збор и уништување на нашите природни наоѓалишта на минерални суровини за ич ништо. Ќе реагира ли некој од институциите кои се должни да ги заштитат ваквите ретки геолошки локалитети или како и сè друго во државава ќе си оставиме да ни се случува ваков грабеж и уништување – прашуваат од 02 Иницијатива.