Се урна петкатница во Каиро

Најмалку десет лица ги загубиле животите откако петкатна зграда се урнала во четвртокот ноќта во еден кварт во египетската престолнина Каиро, пренесува во петокот државната новинска агенција MENA.

Според извори од службата за цивилна заштита на Каиро, спасувачите досега извлекле десет тела од остатоците на станбената зграда во квартот Мансијет-Насер, една од најсиромашнитге работнички населби во источниот дел на египетската престолнина.

Засега нема информации за повредени.

Властите соопштија дека се интензивираат напорите да се дојде до лицата за коишто се претпоставува дека се наоѓале во зградата пред несреќата.

Според порталот Youm7, пак, од министерството за здравство досега ја потврдиле само смртта на едно дете, а 16 лица биле превезени во локалните болници. Извори од спасувачките екипи притоа за порталот рекле оти се претпоставува дека под урнатините има седум лица, од кои двајца малолетници и една возрасна жена.

Онлајн изданието на дневниот весник Al-Ahram повикувајќи се на локалните власти пренесува дека општинскиот совет пред несреќата издал налог за евакуација на оваа зграда, како и за неколку други објекти во соседството.