Се урна воен транспортен авион во Русија

Воено транспортен авион „Иљушин Ил-76“ се урна во Русија, откако му откажал еден од моторите при полетувањето, соопшти Министерството за одбрана.

Во авионот имало 15 лица, меѓу кои осум членови на екипажот и седум патници, се вели во соопштението. Инцидентот се случил во регионот Иваново, на околу 250 километри источно од главниот град Москва.

Видео кое кружи на интернет, кое очигледно е снимено од очевидец, покажува како авионот минува на небото со пламен кој зафаќа еден од неговите четири турбофан мотори.

Според извештаите на медиумите, пилотот на авионот се обидувал да се врати во воздухопловната база Иваново Северни, но не можел да го стори тоа. Тој очигледно го пренасочил авионот подалеку од едно село, урнувајќи го во близина на гробишта.

Ил-76 е тежок транспортен авион кој го направил својот прв лет во 1971 година и стапил во воена служба три години подоцна. Според јавните податоци, до 2015 година биле произведени околу 950 авиони од овој тип. Неговата носивост е 47 тони, што е доволно за воздушен пренос на 140 редовни падобранци со опрема на растојание до 4.200 километри.