-Целта е да се подобри безбедноста на сите учесници во сообраќајот на најфреквентните сообраќајници на кои со актуелниот начин на користење се создаваат застои и нервози меѓу возачите, а се зголемуваат опасностите за пешаците, појасни командирот на Полициската станица Горан Велковски.
Еднонасочен сообраќај ќе се воведе на улицата „Илинденска“ од црквата „Свети Ѓорѓи“ до Црвениот крст со тоа што ќе се опфатат двата крака на таа улица. Еднонасочена ќе биде и улицата „Д-р Николиќ“ од Црвениот крст кон управната зграда на „Водовод“, како и улицата „ВМРО“ на потегот од крстосницата кај двојниот мост до Шопинг центарот и улицата „Кеј на Револуција“ од новиот мост кај Шопинг центарот до кружниот тек.
Според доставените предлози, се предвидува во иднина движењето на возилата по „Кеј на Револуцијата“ да биде север – југ, односно да се вози само во правец од мостот до кружниот тек кај Полициската станица. На улицата „ВМРО“ пак, би се возело обратно, само од југ кон север, односно од двојниот мост во правец на Шопинг центарот. Исто така и познатиот Крушарски сокак, односно улицата „Петровденска“, треба да стане еднонасочна во правец од паркингот на Телеком, до спојот со „Димитар Влахов“. Еднонасочни би биле и двете помошни улици кои ги поврзуваат „Гоце Делчев“ и „Д-р Николиќ“, при што едната од правец на зградата на ЕВН кон Црвен крст, а другата во спротивната насока.
Предвидено е во следниот период да се организира и јавна расправа со граѓаните, посебно за жителите кои живеат на овие улици, за да се слушнат нивните мислења за изнесените предлози.
Предлогот за измена на сообраќајниот режим беше донесен на седница на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Сообраќајното решение ќе оди на одобрување во МВР, а потоа за него ќе одлучува Советот на Општина Кочани.