Се воведува обврска за тестови за проверка на знаење странски јазик

Комисијата за труд и социјална политика ги разгледа во петокот и ги даде на натамошно читање измените и дополнувањата на Законот за заштита на децата, Законот за инспекција на труд, измените и дополнувањата на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност и Законот за спречување и заштита од дискриминација, сите во прво читање.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, како предлагач на законите, рече дека за сите закони измените се однесуваат на додавање на АРТИС, како тест за проверка на знаења од странски јазик како релевантен меѓународен сертификат.

„Се исклучува психолошкиот тест како услов за идентификувања на психолошката состојба и можноста за работа на одредено работно место, затоа што во Македонија се’ уште не постојат агенции, ниту стандардизирани тестови што можат за секое работно место да ја утврдат состојбата. И затоа сметаме дека треба да се исклучи“, рече Царовска.

Комисијата ја заврши амандманската расправа по предлог измените и дополнувањата на Законот за пензиско и инвалидско осигурување по скратена постапка и го даде на понатамошна постапка.

По Предлог-законот имаше поднесено еден амандман предложен од пратеничките Соња Мираковска и Јагода Шахпаска кој беше повлечен.