Цената за сместување и исхрана во студентските домови во Скопје ќе биде вратена на стариот износ и ќе изнесува 3.645 денари, соопштија од Државниот студентски дом „Скопје“.
– Државниот студентски дом „Скопје“ на седницата на Управен одбор одржана утринава, а по претходна координација со Министерството за образование и наука и министерот Јетон Шаќири, донесе одлука за враќање на цените за сместување и исхрана на студенти, односно цената од 3.945 денари се враќа на 3.645 денари, исто како претходните години – се наведува во соопштението.
Оттаму наведуваат дека при покачувањето на цените за сместување и исхрана биле земени предвид сите трошоци на ДСД „Скопје“, кои, како што велат, се значително поголеми и не е прекршена ниту една процедура.
– По реакцијата на студентите за покачените цени одлучено е тие да се вратат на старите суми, а дополнително да се бара решение за нормално функционирање на студентските домови – истакнуваат од ДСД „Скопје“.