Владата доцна синоќа донесе Одлука за замрзнување на цените на основните продукти: леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциски средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.
Оваа одлука, како што соопшти, стапува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“, а е усвоена за да не се злоупотреби моментната состојба на пазарот и за да се заштитат потрошувачите во услови на зголемена побарувачка.
Пазарниот инспекторат е задолжен да изврши вонредна контрола на магацините и дистрибутивните центри за да ја утврди ситуацијата за можни скриени залихи на основни прехранбени производи и воедно да ја следи ситуацијата од аспект на несоодветно покачување на цените и за тоа редовно, на секои три дена, да ја информира Владата.
На владината седница е усвоена и Информацијата со која се предлага забрана за извоз на пченица и брашно од пченица кон сите земји за неограничено време. Министерството за економија, Министерството за земјоделството и Царинската управа треба да ги преземат сите неопходни активности со цел спроведување на оваа мерка.