Се затвора американската компанија за брз транспорт

Компанијата за брзо транспортирање „Hyperloop One“ ќе биде затворена, откако не успеа да добие никаков договор за изградба на функционален хиперлуп, објави деловната новинска агенција Bloomberg News, цитирајќи добро информирани извори.

Компанијата со седиште во Лос Анџелес, која во 2020 година го заврши првото патничко возење во светот засновано на супер-брзински систем со лебдечки капсули, ќе ги продаде преостанатите средства, а вработените ќе престанат да работат на 31. декември.

Во системот хиперлуп, кој користи магнетна левитација, патувањето меѓу Њујорк и Вашингтон би траело само 30 минути, што е двојно побрзо од лет со комерцијален авион и четири пати побрзо отколку со брз воз.

Илон Маск повторно го разгоре интересот за оваа технологијата во 2013 година. Неговата компанија за градење тунели „The Boring Company“, има цел да испрати патници сместени во капсули преку меѓуградски систем од џиновски подземни вакуумски цевки познат како Hyperloop.

Компанијата „Hyperloop One“ е основана во 2014 година и привлече повеќе од 400 милиони долари, главно од емиратската бродска компанија „DP World“ и британскиот милијардер Ричард Бренсон.