Клуч на врата и одземање на дозволата за работа на докторка од Струшката општа болница која спротивно на законот вршела гинеколошки прегледи.
Ова е епилогот од вонредниот увид на Државниот санитарен и здравствен инспекторат направен по претходна дојава од пациентка дека работи нелегална ординација.
По двочасовниот отпор од сопствениците, инспекторите со придружба на полицајци влегле во објект на „Кеј 8 Ноември“ кој не бил обележан за дејноста а била затекната опрема за прегледи и гинеколошки зафати.
Работната просторија, како што стои во соопштението од инспекторатот, била во сопственост на З. П. Ш, специјалист по гинекологија и акушерство вработена во Општата болница во Струга. На инспекторите им бил приложен документ дека минатиот месец просторот времено го отстапиле на друга приватна здравствена установа – но немала носител на дејност.
„При надзорот, приложен е Договор за отстапување на користење на простор (01/2021 година) каде стои дека просторијата се издава на времено користење на ПЗУ Д-р Благоја Парталоски. Наведената приватна здравствена установа има решение издадено од Министерството за здравство од 1999 година, дека исполнува услови (простор, опрема и кадар) за вршење на специјалистичко гинеколошко акушерска дејност, а која во моментот нема носител на дејност бидејќи д-р Парталоски е во пензија од 2009 година а има отстапувања и во однос на просторот.“-ДСЗИ.
Поради прекршувања на Законот за здравствена заштита, Инспекторатот предложил на докторката да и се одземе лиценцата.
Ова е втор случај што ја „тресе“ Струга во кој доктори прегледуваат пациентки на диво. Минатиот месец инспектори влегоа и во приватна ординација на директорот на тамошната болница Мухамед Асани. Случајот јавно го обзнани негова пациентка од Дебар која обвини дека по породување со царски рез Асани ја оставил без матка, јајник и бубрег. За ова предмет отвори Основното јавно обвинителството, но случајот се уште не е затворен.