Се здружуваат „Тојота“ и „Панасоник“ – ќе прават батерии за електрични возила

Јапонските компании „Тојота Мотор“ и „Панасоник“ од идната година ќе се здружат за да произведуваат батерии за електрични возила во обид да им конкурираат на кинеските ривали, споделуваат јапонските медиуми.

Во заедничкиот потфат, „Тојота“ ќе има 51 отсто удел, додека пак 49 отсто ќе припаднат на компанијата „Панасоник“.

Со тој план, би се обезбедувале батерии и „Мазда“ и „Субару“, кои се и партнери на „Тојота Мотор“.

Заедничкото вложување се темели на договор од крајот на 2017 година, склучен за заеднички развој на батерии со поголема количина на енергија во призматската ќелија.

Двете компании можно е да најават план за заедничко вложување уште оваа недела, јавуваат јапонските медиуми.