Туристичкиот пазар во Македонија се стабилизира. Нови откажувања на аранжманите нема, напротив, се зголемува бројот на резервации, рече денеска директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Кристијан Џамбазовски, пренесе МИА.
Одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за престојот на италијанските моторџии во земјава, Џамбазовски нагласи дека резултатите од првиот квартал годинава се позитивни. Бројот на странските туристи во периодот јануари – март 2015 во однос на истиот период лани е зголемен за 14 отсто, а евидентиран е и раст на бројот на ноќевања на 9,6 проценти.
– Додека има турбуленции во политичката сфера, туризмот прв ги чувствува негативните ефекти, а тие понатаму се одразуваат врз целата економија, истакна Џамбазовски, изразувајќи уверување дека нови турбуленции во туризмот нема да има.
Агенцијата континуирано работи на реализација на годинашните програмски активности.
– Од почетокот на годинава ги презентиравме туристичките потенцијали на 15 интернационални саеми за туризам каде што учествуваа преку 25 туристички агенции и турооператори од Македонија, што е доказ дека квалитетот, односно конкурентноста на понудата е зголемена. Продолжуваме со агресивна медиумска кампања, како и со организација на студиски посети и информативни патувања во земјава при штоможност да се запознаат со потенцијалите на земјава имаат тур-ооператори од Америка, Русија, Шведска , Фрацнијас,…рече директорот.
Реализирани се, додаде, бизнис состаноци со македонското туристичко стопанство, а во повеќе француски, австралиски, италијански списанија се објавени репортажи за Македонија како туристичка дестинација.
– Согласно заклучоците од вонредната седница на Советот за туризам при Агенцијата, преземени се дополнителни мерки со засилено присуство на регионалните пазари преку организација на денови на македонскиот туризам во соседството и организирање дополнителни информативни патувања за странски турооператори и новинари, информира Џамбазовски.
Најголем број туристи во првите месеци од годинава има од Грција, Србија, Бугарија и Турција.