Компаниите со голем интерес за проектот Македонија вработува. Од објавувањето на мерките до сега се вработени над 1000 лица, информираат од Агенцијата за вработување. 410 лица отпаѓааат на вработувања на млади лица до 29 години, а останатите отпаѓааат на останатите мерки од проектот Македонија вработува. Најголем дел од нив се лица до 35 години, потоа следуваат лица од 35 – 50 години, па лица над 50 и 58 години,како и лица од ранливите категории граѓани, пренесува Лидер.мк.
– Дневно се вработуваат по речиси 51 лице. Најмногу вработувања има кај младите до 29 годишна возраст, речиси половина од оваа бројка, како и кај лицата до 35 годишна возраст. Секако има вработувања и кај повозрасните, оние над 50 или 60 години. Проектот продолжува и ние се надеваме дека газдите ќе ги искористат поволностите и ќе вработат многу лица, изјави Диме Спасов министерот за труд и социјална политика.
Целта на овој проект е забрзано отварање и создавање на нови работни места во приватниот сектор.
Со новиот проект се овозможува олеснително и повластено вработување на неколку групи на невработени граѓани на нашата држава и огромен опфат на невработени граѓани кои ги исполнуваат условите и кои полесно и побрзо ќе стигнат до вработување и работно место, до редовна плата и до подобар и поквалитетен живот, и тоа:
Прва група-невработени лица до 35 години возраст, кои што претходно немале заснован работен однос или кои имале претходно заснован работен однос, но пред вработувањето согласно со мерката биле невработени најмалку три месеци. Компаниите ќе бидат ослободени од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и персонален данок на доход, за оваа група во траење од 3 години сметано од денот на вработувањето при што работодавачот е должен да го задржи лицето уште 1 година, по истекот на периодот за којшто е ослободен одплаќање придонеси и персонален данок на доход.
Втора група-невработени лица на возраст од 35 до 50 години, кои во последните 15 години биле најмалку 10 години невработени и најмалку три месеци пред вработувањето немале заснован работен однос. Работодавачот кој ќе вработи лице од оваа група ќе биде ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување во траење од 5 години од денот на вработувањето, при што е должен да го задржи лицето уште 1 година, по истекот на периодот во којшто е ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување.
Трета група – невработени лица на возраст над 50 години,
Четврта група– невработени лица кои се родители на три или повеќе деца и кои најмалку три месеци пред вработувањето немале заснован работен однос; самохрани родители и членови на еднородителско семејства кои најмалку три месеци пред вработувањето немале заснован работен однос; приматели на социјална парична помош; деца без родители и родителска грижа; жртви на семејно насилство; инвалидно лице со утврдена инвалидност согласно со Законот за вработување на инвалидни лица и лице со утврдена намалена работна способност или професионална неспособност за работа за 50% согласно со прописите од пензиското и инвалидското осигурување; професионални војници на кои им престанал работниот однос согласно со Законот за служба во Армијата на Република Македонија и родители на деца со пречки во развојот кои се корисници на посебен додаток најмалку три месеци пред вработувањето.
За третата и четвртата група, работодавачот кој ќе вработи лице од овие две групи е ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување во траење од 5 години од денот на вработувањето без понатамошна обврска за работодавачот.
Петта група, се однесува на највозрасните работоспособни невработени лица над 58 години кои во последните две години се невработени. Работодавачот кој ќе вработи лице ќе биде ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување до исполнување на условите за стекнување на правото на старосна пензија.
Проектот Македонија вработува ќе се применува една година
“Сметаме дека ова е исклучителна можност за компаниите да ги прошират своите човечки капацитети, апсурдот кој што го имаме во државата покрај голема невработеност да немаме доволно стручни кадри, оваа можност да се искористи во таа насока- да се квалификуваат луѓе кои што ќе можат да придонесат во компаниите. Веќе атмосферата кај голем дел од компаниите и менаџерите се коментираат позитивно овие мерки“, вели потпреседателот на Сојузот на стопански комори, Сеад Кочан.
Проектот “Македонија вработува“ ќе се применува 1 година од стапување во сила на законските измени и сите компании коишто ги исполнуваат условите ќе можат да почнат да ги користат поволностите во овој период.Се очекува само преку овој проект да бидат опфатени 150.000 лица, додека директно вработување да има за околу 20.000.
Во моментов на Агенцијата за вработување се регистрирани 8 885 слободни работни места.