Седница на Синодот на МПЦ-ОА, нема новини во врска со писмото до БПЦ

Синодот на Македонската православна црква – Охридска архипиекопија (МПЦ-ОА) ќе одржи седница во вторникот на којашто ќе се разгледуваат повеќе теми меѓу кои за просветните институции, за финансиските средства

Портпаролот на Синодот, г. Тимотеј за МИА изјави дека на крајот од годината ќе се разговара за најактуелната тема, односно просветните институции, како и за финансиите.

Во врска со тоа дали на денешната седница на Синодот ќе стане збор за барањето до Бугарската православна црква да биде мајка – црква на Македонската православна црква, рече „тоа е решено, може да се разговара, меѓутоа ништо ново не е тоа, испратено е писмо, почнати се разговори“.

На прашање дали ќе бидат разгледани одредени дилеми кои произлегуваат од барањето до БПЦ, посочи дека според него, нема дилеми.

„Имаше некои мали недоразбирања меѓу некои архиереи, меѓутоа во принцип тоа е едногласно, нема тука што да се разговара“, додава митрополит Тимотеј.

Седницата на Синодот следува по првата средба што во Софија пред неколку дена ја имаа претставници на комисиите на двете цркви. Митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар, кој е дел од Комисијата на МПЦ-ОА вчера посочи дека очекува работите да бидат поставени правилно согласно нашите посебности и покрај истоветноста на двете цркви.