Уставниот суд денеска ќе ја одржи 18. седница на чиј дневен ред се осум иницијативи за оценување на уставноста и законитоста, едно барање за заштита на слободи и права и три предлози за одлучување со нацрт-одлуки.
Како што соопштија од Уставниот суд на дневен ред е иницијатива со која е оспорена точка 1 од Упатството за измена и дополнување на Упатството за радиодифузарите за претседателските и парламентарните избори 2024 бр.01-1911/1 од 15.04.2024 година, поднесена од политичка партија „Левица” од Скопје.
Подносителот во иницијативата наведува дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги произволно и неточно ги толкувала Изборниот законик и погрешно ја утврдила фактичката состојба во однос на позиционирањето на политичките партии во Собранието на Република Македонија, при што издала Упатство кое е во спротивност со закон, а се однесува на медиумско претставување во текот на изборната кампања. Наведено е дека Упатството е спротивно на политичкиот плурализам и слободните и непосредни и демократски избори во државата бидејќи со него медиумската минутажа била нееднакво поделена и медиумите неизбалансирано ги покривале сите политички опции за парламентарните избори 2024 година.
На дневен ред на денешната седница се и неколку предмети отворени по сопствена иницијатива на Уставниот суд, како и барање за заштита на слободите и правата поднесено од Димитар Апасиев.
-Подносителот на барањето наведува дека претседателот на Собранието со неговото дејствие сторил повреда на правото на политичко дејствување на подносителот на начин што не бил прифатен Предлог за граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување на дополнителен референдум. Подносителот наведува дека му се повредени уставно загарантираните права бидејќи претседателот на Собранието одбил да ја проследи иницијативата до надлежните собраниски работни тела за прибавување мислење за уредноста на иницијатива и ја прогласил за неуредна. Се наведува дека претседателот на Собранието го повредува и правото на забрана на дискриминација по основ на политичка припадност, па така подносителот бил доведен во нееднаква и понеповолна положба споредено со останатите политички субјекти, информираат од Судот.