Утре напладне ќе продолжи пленарната седница во Собранието на која се расправаше за реконструкција на Владата. Предлогот за реконструкција на Владата, чиј кабинет се проширува со кадри од Алијанса за Албанците, а се намалува со тие од Алтернатива, беше на дневен ред на 104 седница на Собранието.
Иако Алтернатива на Африм Гаши ја напушти владината коалиција и најави дека ќе делува како опозициска партија, премиерот Димитар Ковачевски во своето барање за реконструкција на Владата рече дека во највисокиот извршен орган има место и за Алтернатива.
– Реконструкцијата не е мотивирана од имиња ниту презимиња, ниту од партиски мотиви. Точно знам што треба да правиме, знам да направам добро лошо, знам што е држава и што е личен интерес. Не се грижам за личниот рејтинг и за своите потреби. Од денот кога станав премиер реков дека во Владата ќе има отворена врата за сите кои сакаат иднина на државата. Место во Владата има и за Алтернатива, сакам да и се заблагодарам за досегашната работа во министерствата. Имам свое мислење за работата на министрите, но работата мора да се оценува преку објективни критериуми – истакна премиерот Димитар Ковачевски во своето образложение зошто ја првата реконструкција на Владата откако е нејзин претседател.
Ковачевски ќе ги предложи за нови министри Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација, сите тројца од редовите на АА, како и на Каја Шукова од СДСМ за министер за животна средина.
Во Собранието пратениците попладнево дебатираа по предлогот за разрешувањето на министрите од редовите на Алтернатива, кои не поднесоа оставки на функциите пред изборот на нови членови на Владата, кои генерално доаѓаат од новиот коалициски партнер Алијанса за Албанците.
Пратеничката Сафије Садики Шаини од Алтернатива, партија која излегува од владината коалиција со оваа реконструкција на Владата, истакна дека тие на вчерашната партиски состанок тие донеле став да дејствуваат како опозиција и оти тоа е завршена тема за нив.
Според неа, министрите и замениците министри од нивната партија не поднеле оставка од две причини – немаат ниту една одговорност за да поднесат оставка и не сакаат да бидат причина и да му ја олеснат работата на еден човек кој, како што рече таа, не знае да се заблагодари, пред една година стана премиер со гласовите на Алтернатива.
Садики Шаини посочи дека лани во ноември кога во Собранието соодносот беше 60:60 и европската перспектива на земјата, според неа, била мртва, до Алтернатива се обратиле многумина политичари и луѓе со цел да прифатат да бидат дел од Владата. Таа рече дека „постапките на Алтернатива придонеле Северна Македонија и Албанија да добијат датум за преговори со ЕУ“.
Според пратеничката на Алтернатива, од СДСМ еднострано го прекршиле договорот што претходниот претседател на владејачката партија го потпишал со нив, обвинувајќи ги социјалдемократите за непочитување. – Ова зборува многу лошо и за една земја која се стреми кон европски вредности, рече таа додавајќи дека прекршувањето на договорите не е европски принцип, а со тоа што не сакале да ја почекаат одлуката на Алтернатива околу заминувањето или отстанувањето во Владата ја преминале и последната етичка линија.
Пратеникот Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека Таравари победил во Гостивар благодарение на гласовите на ВМРО-ДПМНЕ и дека нелогично е што наместо во Гостивар каде е градоначалник, тој купува куќа во Скопје.
– Откако на претходните избори добро го избојкотира Села со цел да доживеете катастрофа каква што доживеавте и да мора да си поднесува оставка, после тоа ја доби куќата на поклон и на крај влегува во влада. Тоа е траекторија која што мора да се знае и која што граѓаните мора да ја видат, рече Николоски.
Илми Азири од АА реплицирајќи му на Николовски рече дека Алијансата за Албанците и оваа Влада имаат свои сојузници во Брисел и во Вашингтон, а дека Таравари е име во својата бранша и може сите да ги предизвика.
Пратеникот Мартин Костовски од СДСМ рече дека ВМРО-ДПМНЕ останале сами, нервозни, дека прво од нив си заминал градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски, па скопската градоначалничка Данела Арсовска, па Алијансата за Албанците. Според него, 13.02.2023 година е нов пораз на Мицкоски, кој нема зголемено парламентарно мнозинство, ниту избори.
– Македонија, нашите граѓани немаат време за губење. Државата мора храбро и одлучно да оди напред. Денеска може да објавиме дека се прави добар исчекор, имаме поголемо парламентарно мнозинство за реформи, за економски политики за интеграција во ЕУ, рече Костовски.
СДСМ, како што нагласи, има зголемено парламентарно мнозинство, а по можеби 50-ти пат за овие три години, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ повторно лажат – нема предвремени избори и немаат мнозинство.
– Но, мора да признаеме дека како партија имате една константа, кога се гласа за македонски јазик, идентитет, ве нема, празни столчиња, но полни бифеа и полни ходници, се гласа за Фронтекс ве нема. Вие не сте само против ЕУ, туку сте и против Македонија, рече Костовски.
Дневниот ред на седницата беше изгласан со 64 гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“. Пратениците, според редоследот, прво ќе треба да се изјаснат за разрешувањата на актуелните министри и заменик-министри, а потоа за изборот на новите предложени од премиерот.
Според предлогот на Ковачевски, разрешување се предлага на министрите за здравство – Беким Сали, за информатичко општество и администрација – Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи, како и замениците за земјоделство – Абдулшуќур Абедини и за образование и наука – Лулзим Алиу. Сите се кадри на Алтернатива.
Предлог за разрешување има и за заменик-министерот за одбрана Башким Хасани кој е дел од „огнената група“ во ДУИ.
Претходно, пак, Собранието констатираше дека оставки поднеле министрите за правда Никола Тупанчески (СДСМ) и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини (ДУИ), како и за заменик-министрите за правда Агим Нухиу (ДУИ) и за здравство Владимир Рендевски (СДСМ).