Македонскиот олимписки комитет (МОК) ги објави имињата на седум спортисти кои како олимписки кандидати ќе добиваат стипендија сѐ до Летните олимписки игри 2024 во Париз.
Прв на листата е олимписки вицешампион во таеквондо, Дејан Георгиевски, кој ќе инкасира по 1.600 долари, додека на листата се уште двајца од истиот спорт и тоа Филип Додевски со 1.100 долари, Анамарија Георгиевска со 800 долари. Првиот македонски спортист кој обезбеди норма за ланските Игри во Токио, Магомедгаджи Нуров, ќе добива по 1.300 долари, а неговиот „соборец“, Владимир Егоров, ќе добива по 1.100 долари. Помош ќе добиваат и атлетичарот Дарио Ивановски и Борјан Бранковски во спортско стреличарство, кои ќе добиваат по 800 долари.
Според информацијата од МОК, оваа листа не е конечна, бидејќи ќе биде обезбедена финансиска помош и за други спортисти, кои во меѓувреме ќе докажат со своите најдобри резултати дека евентуално ќе можат да освојат норма за учество на ЛОИ во Париз.