Седум лица се убиени во петокот во најкрвавото израелско-палестинско насислтво озминатите години, предизвикано од новите безбедносни мерки кои ги воведоа израелските безбедносни сили на најсветите места во Ерусалим и палестинското противење на тоа.
Тројца Израелци беа убиени со нож во еврејска населба во палестинската енклава Западен брег (од реката Јордан), кој според меѓународната заедница е окупирана палестинска територија од израелските сили во војната од 1967 година. Овој напад се случи неколку часа откако четворица Палестинци, од кои едно е 17-годишно момче, беа убиени во насилствата кои избувнаа откако израелските безбедносни сили поставија детектори за метал на влезните точки на просторот на едно од најсветите места за исламот Платото на џамијата, или како што Евреите го нарекуваат Ридот на храмот во оградениот ерусалимски Стар град.
Овој простор е сцена на големи тензии откако израелските власти во август 2015 година наметнаа ограничување за влез на палестинските верници во комплексот на џамијата ал-Акса, по инцидент кога милитантни се сокрија во него. Палестинците, пак, стравуваат дека ултраортодоксните Израелци ќе го обноват древниот еврејски храм.
Над 300 Палестинци се убиени од израелските сили од октомври 2015 година кога започна бранот улични палестински напади со возила, како и со студено и огнено оружје.
Претседателот на палестинската самоуправа Махмуд Абас нареди да се прекинат сите официјални контакти, додека не бидат отстранети детекторите за метал. Не даде подетално појаснување за својата одлука, но и сегашните контакти се многу ограничени во соработката меѓу двете страни во сферата на безбедноста.
„Прогласувам запирање на сите контакти со израелската страна на сите ниво, сѐ додека не се поништат мерките во џамијата Ал Акса, и не се сочува статус-квто“, изјави Абас во кусиот говор емитуван на телевизијата.
Тројца Израелци биле избодени до смрт, а четврто лице е рането и сите потекнуваат од оградената населба Нева Цуф на Западниот брег. Израелските медиуми наведуваат дека тројцата убиени се од едно семејство, двајца мажи на возраст од 40 и 60 години и 40 –годишна жена. Ранетата 68-годишна жена е хоспитализирана со убодна рана во грбот, пишуваат медиумите истакнувајќи дека напаѓачот ги нападнал додека семејството вечерало.