Седум мртви во налет на џип во Тексас

Седум лица загинаа во неделата кога маж со своето возило удри во пешаци во градот Браунсвил, во американската сојузната држава Тексас, објави локалниот канал на телевизиската мрежа ABC News.

Осомничениот маж влетал со возило во луѓе околу 8,30 часот по локално време во неделата во близина на центарот Озанам, засолниште за мигранти и бездомници, објавија локалните телевизиски канали цитирајќи го Мартин Сандовал од полицискиот оддел во Браунсвил.

Покрај загинатите, во болниците со тешки и полесно повреди се пренесени се уште најмалку шест лица, информираат од полицијата. Додаваат и дека осомничениот е притворен.

Возачот, исто така, е пренесен во болница и е ставен под постојано полициско присуство. Се очекуваат резултатите од тестовите на присуство на алкохол или дроги кај него, соопшти полицијата.

Истражителите засега одбиваат да коментираат за можните мотиви или дали несреќата била предизвикана со умисла.

Еден од настраданите рекол дека седеле на тротоарот во близина на автобуска постојка кога во нив удрил теренец „ренџ ровер“ со сива боја. Додал дека тој и неговите пријатели чекале превоз до локалниот аеродром кога налетало возилото, како и дека меѓу загинатите се неколку негови пријатели, а самиот тој бил полесно повреден.

Полицискиот поручник Мартин Сандовал изјави дека сите седум жртви починале на местото на настанот. Според него возачот, според првичното обвинение, е уапсен за несовесно возење, како и дека најверојатно против него ќе бидат поднесени повеќе обвиненија. Сепак, оценил, дека сѐ повеќе тоа личи на намерно дело.