Седум припадници на мировните сили „сини шлемови“ од Того загинале а тројца други се тешко ранети во средата во напад со експлозивна направа во централно Мали, соопштија Обединетите нации.
„Денеска, 8-ми декември, логистичкиот конвој на мировните сили (MINUSMA) кој од Дуенца одел кон Севара, во централниот дел на земјата, наишол на експлозивна направа. Првичните информации укажуваат за седум загинати мировници и за тројца тешко ранети“, се наведува во соопштението објавено на Twitter на Мисијата на Обединетите нации во Мали (MINUSMA).
Нападот се случил во околината на Бандијагара, во покраината Мопта, се додава во соопштението.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутерешт „остро го осудива гнасниот напад“, изјави во Њујорк неговиот портпарол Стефан Дужарик. Ги повикува властите на Мали да сторат сѐ за да се најдат виновиниците и да бидат изведени пред суд, додаде портпаролот.
И главниот командант на мисијата MINUSMA, Ел Гасим Ване „остро“ го осуди овој „кукавички“ напад, остакнувајќи во соопштението дека тој може да се карактеризира како „воено злосторство“. Предупреди дека „оваа трагедија“ го зголемува бројот на жртвите во нападтите врз мировните сили во Мали.
Нападот се случи ден откако MINUSMA извести за загинување на пропадник на мировните сили од Египет во Дакар, на северот на Мали кој настрадал кога неговото возило наишло на импровизирана експлозивна направа, како и уште еден на 22-ри ноември.
Во Мали од 2012 година трае судирот во кој џихадистичките групации поврзани со Ал Каеда и со Исламската држава континуирано изведуваат напади и предизвикуваат судири со вооружени групи кои себе си се нарекуваат сили за самоодбрана, а во кои најчесто страдаат цивили.
Мисијата MINUSMA во Мали е распоредена во 2013 година, и во моментов е мировна мисија на ОН со најмногу загинати во светот. Во непријателските напади до 31-во октомври годинава загинале 146 припадници на оваа мисија, според статистиката на светската организација.