Седум собраниски комисии денеска ќе одржат седници

Во Собранието седници ќе одржат комисиите за прашања на изборите и именувањата, за политички систем и односи меѓу заедниците, за труд и социјална политика, за еднакви можности на жените и мажите, за транспорт, врски и екологија, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за здравство и на Законодавно-правната комисија.

На дневен ред на Комисијата за прашања на изборите и именувањата е утврдување предлог-одлука за именување на заменик претседател и член на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, а Предлог-законот за нациoналната инфраструктура на просторните податоци во прво читање, ќе биде предмет на дебата во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

На дневен ред на Комисијата за труд и социјална политика е Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за семејството, во прво читање, а на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите брошурата за работата на КЕМ – поддржана од Un Women, во функција на менторската програма за локалните комисии за еднакви можности.

Членовите на Комисијата за транспорт, врски и екологија треба да расправаат за предлог-законите за планински патеки и за електронски комуникации, во прво читање, предлог законите за-изменување и дополнување на законите за јавните патишта, за поштенските услуги  и за градење, во второ читање, за предлог одлуки за одобрување финансиски планови на ЈРП Македонска радио-телевизија, како и за Информацијата за проектот Луково поле.

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство треба да расправа за Предлог законот за дополнување на Законот за земјоделско земјиште, во прво читање, На седницата,пак, на Комисијата за здравство се предлог-законите за изменување и дополнување на законите за лековите и медицинските помагала, за  земање и пресадување делови на човечкото тело заради лекување, за здравствена заштита, во второ читање и предложените измени на Законот за медицинските студии и континуираното стручно усовршување на докторите на медицина, во прво читање.

За поголемиот дел од точките што се дневниот ред на најавените комисии треба да расправа и Законодавно-правната комисија.