Тројца мртви и седум заболени од бактеријата листерија, внимателно со храната

Комисијата за заразни болести во присуство на Министерот за здравство, Никола Тодоров, денеска во доцните попладневни часови одржа состанок, кој е трет по ред во изминатите четири дена, по добиените информации од Институтот за јавно здравје дека за еден месец е регистрирана појава на седум случаи кај кои лабораториски е потврдено присуство на бактеријата листерија, а со цел разгледување на состојбата и донесување предлог мерки. При тоа, 5 од пријавените случаи се со дијагноза листериозен менингитис или менинго енцефалитис, а две новородени деца се со дијагноза листериозна сепса.

Од пријавените седум случаи, три завршиле со смртен исход, од кои еден на возраст од 72 години, вториот случај на 59 години и едно новородено дете.

Листериозата е бактериско заболување, кое најчесто настанува по внесување на храна контаминирана со бактеријата листерија, како што е месо, преработки од месо, непастеризирано млеко и млечни производи, недоволно измиено овошје и зеленчук, димена риба и друго. Кај здрави лица со подобар имунитет, заболувањето поминува со полесна клиничка слика, со стомачни проблеми, дијареа или симптоми слични на грип. Листеријата се уништува со добра термичка обработка, со печена и варена храна (над 70 степени целзиусови).

Најчесто се регистрира меѓу постари лица со намален имунитет, бремени жени и новородени деца. Кај нив може да предизвика сериозни компликации, како сепса, воспаление на мозочни обвивки (менинго енцефалит), воспаление на срцева обвивка (перикардит), воспаление на зглобови и сл.
Според податоци од ИЈЗ, во текот на 2013 година бактеријата е изолирана кај 3 мостри од храна, но нема пријавено заболени лица. Во 2014 година (до јуни) уште во три мостри од храна е изолирана оваа бактерија, при што само во последниот месец се пријавени 7 случаи на лица заболени со листериоза.