Седумнаесет годишниот раст и развој на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип

Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“(УГД) деновиве го прослави седумнаесет годишниот  образовен раст и развој, како јавна високообразовна институција. Универзитетот лоциран во источниот дел на Република Македонија, неговата основа се идеалите за инклузивност, различност и соработка. Универзитетот е растечка и динамична институција посветена на зголемување на пристапот до образование, иновации и обезбедување социјална благосостојба за сите.

Водилката на Универзитетот, што оваа институција ја применува и практикува, е мислата на апостолот, учителот на македонскиот непокор Гоце Делчев: „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите“.

Краток историјат на образованието во Штип

Штип и штипско имаат богата образовна историја, во ова мое пишување ќе се осврнам и ќе издвојам еден мал дел од таа богата образовна штипска историја. Поаѓајќи од основната водилка на Универзитетот од нејзината богата образовна историја, ќе ги издвојам и истаканам првите црковно-ќелијни училишта… учителствувањето на првиот македонски преродбеник Јоаким Крчовски во Штип (околу 1750-1820г.)… Во 1840 година, во Штип било отворено училиште кое работело според повисоки стандарди во однос на ќелијните училишта, и во него предавал Павле Грозданов (ученик на Неофит Рилски)… Со светлината во Штип, кој предавал, е првиот македонски педагог Јосиф Ковачев (1839-1898), кој вовел и применувал нови современи методи на настава со кои се ставило крај на претходниот начин на образование во кој доминирале ќелијните училишта. Тој го отворил првото класно (педагошко) училиште во Штип, а го основал и педагошкото богословско училиште во Штип… Конкретно тој вовел методи на европско образование во Штип. Истовремено ја вовел гласовно-аналитичко синтетичка метода, а под негово раководство учениците од понапредните класови ги подучувале учениците од пониските. Обезбедил нови нагледни средства за училиштето, а вовел и физичко образование. За кратко време штипското педагошко училиште станало познато во цела Македонија, па во него доаѓале ученици и од други краеви на Македонија, но и од Бугарија. Во 1871 година Јосиф Ковачев отворил и неделно училиште во Штип, како и курсеви за образование на возрасни лица.

… Во 1885 и 1886 година, во Штип учителствувал познатиот македонски револуционер Ѓорче Петров. Во јуни 1894 година во Штип како учител дошол Даме Груев, кој станал главен учител во класното училиште во Ново Село. Истата година во ноември, во Штип како учител дошол и Гоце Делчев. Во тоа време во новоселското училиште работеле 18 учители и учителки. Учител во тоа време бил и Туше Делииванов, кој оставил драгоцени сеќавања во врска со учителствувањето на Гоце Делчев и Даме Груев во Штип и нивната тогашна илегална револуционарна дејност…. (поопширно видете ја Монографијата на универзитетот „Гоце Делчев“-Штип (2007-2015)

Основањето на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип

Со поведување на граѓанска иницијатива на академици, професори, родoљуби од Штип и пошироко, меѓу кој и мојата маленкост во таа иницијатива за Основање на државен универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, а поаѓајќи и имајќи го во предвид образовното, културното, револуционерно делување на многу просветители, педагози, даскали, апостоли на историјатот и значајот на Штип и штипско како центар на сите збиднувања во МАКЕДОНИЈА и како резултат на тоа и поведената граѓанска иницијатива, Собранието на Република Македонија на 27 март 2007 година, донесе Указ за прогласување на Закон за основање на државен Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, како највисока автономна, високообразовна, научна, односно уметничка установа.

Па така, Универзитетот на почетокот започна со седум факултети и една висока школа и тоа: Правен факултет, Економски факултет, Педагошки факултет, Факултет за рударство, геологија и политехника, Земјоделски факултет, Факултет за информатика, Факултет за музичка уметност и Висока здравствена школа.

Растот и развојот на Универзитетот„Гоце Делчев“-Штип

Универзитетот „Гоце Делчев“– Штип, како четврти државен универзитет основан во Република Македонија (по најстариот и прв државен универзитет „Свети Кирил и Методиј-Скопје, втор е Универзитетот „Свети Климент Охридски“-Битола, и трет е Универзитетот Тетово-во Тетово). Само да се напомене дека:

За само седумнаесет години од основањето на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип (УГД), истиот чекори со брз образовен раст и развој, каде што според последните години на рангирања домашни, како и на странски на Вебометрикс (истражувачки шпански центар) најдобро рангирани македонски универзитети се: првиот најстариот универзитет„Свети Кирил и Методиј“-Скопје, а втор е Универзитет „Гоце Делчев“– Штип.

Која е основната мисија на УГД-Штип

Во разговор со ректорот, професор д-р  Дејан Мираковски, како и професори на УГД, нивните искази се дека: „Основната мисија на универзитетот е квалитетна настава, истражување, јавна служба и најважно од сѐ студентот во центарот на вниманието со индивидуален пристап кон секој студент… па, тука се истакнува и креативната иновативност, тежнеење кон нови откритија, трансферот на знаење за обезбедување социјална и економска благосостојба и напредок на општеството се главните белези на УГД… и додаваат дека Универзитетот „Гоце Делчев“, постојано настојува и поттикнува на слободоумност, разбирање, споредба и ексклузивност меѓу поединците и групите преку промоција на знаењето како вредност како и уметноста, културата и спортот кои се во центарот на нашите активности.

Денешниот интегриран развој на Универзитетот

Универзитетот во својот состав интегрира 12 (дванаесет) факултети, 3 (три) академии и 1 (една) придружна членка и тоа:

  • Факултет за природни и технички науки
  • Факултет за образовни науки
  • Факултет за медицински науки
  • Факултет за информатика
  • Економски факултет
  • Правен факултет
  • Факултет за туризам и бизнис логистика
  • Електротехнички факултет
  • Техничко – технолошки факултет
  • Машински факултет
  • Филолошки факултет
  • Земјоделски факултет
  • Ликовна академија
  • Филмска академија
  • Музичка академија
  • Воена академија (како придружна членка).

Опфат на студенти и промовирање на македонскиот јазик

Ако се погледнат бројките низ статистика во изминатите 17 (седумнаесет) години, ќе се види дека од постоењето на Универзитетот околу 30.000 (триесет илјади) студенти ја препознале својата иднина на овој универзитет. Во учебната 2023/2024 година, универзитетот брои 7.777 (седум илјади седумстотини седумдесет и седум) активни студенти од кои 600 (шестотини) се странски студенти кои студираат на македонски јазик, по претходно поминат курс за изучување на македонскиот јазик. На овој начин меѓу другото се врши и промоција, афирмација и издигнување на македонскиот јазик на интернационално ниво. Универзитетот е активен учесник во Еразмус програмите за мобилност, па поради тоа е институција домаќин на повеќе од 50 (педесет) студенти од странство на ниво на семестар.

Студиски програми

Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, во своето работење инкорпорира повеќе од 70 (седумдесет) активни студиски програми на прв циклус на студии и интегрирани прв и втор циклус на студии, потоа околу 80 (осумдесет) мастер, магистерски и специјалистички студии и има 11 (единаесет) акредитирани докторски студии како и 15 (петнаесет) докторски студии кои се во фаза на акредитација.

Студиски програми на англиски јазик

Универзитетот има акредитирано и атрактивни студиски програми од прв и втор циклус на студии на англиски јазик од кои би ги издвоиле: Општа медицина на англиски за прв циклус на студии, Радиофармација на втор циклус на студии, меѓународно право и меѓународни односи на прв циклус на студии, џез гитара, џез труба, џез саксофон, џез пијано како и современ танц на прв циклус на студии сите на англиски јазик.

Користење на Microsoft платформи за работа

За своето успешно работење, Универзитетот „Гоце Делчев“, активно ги користи скоро сите Microsoft платформи за работа и представува дигитализиран универзитет во скоро 90 проценти од своето работење. Во декември 2019 година, Универзитетот започнува со експериментална примена на алатките за учење на далечина, а веќе во март 2020 година, повеќе од 4.400 студенти и 360 професори и предавачи успешно ги користат сите алатки на Microsoft 365 за пристап, предавања, споделување на научни материјали и материјали за предавања со студентите. За време на Ковид пандемијата Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, без никаков проблем како прв универзитет во Република Македонија, преминува на целосна реализација на наставата преку учење на далечина користејќи ги услугите на Microsoft Teams, за што добива признание и од самата компанија Microsoft, издвојувајќи го овој универзитет како една успешна приказна за дигитализација и прилагодување на образовниот процес на ситуацијата во која се најде целиот свет во овој период. Според статистиката што ја поседува Microsoft, во периодот на пандемијата универзитетот има реализирано околу 100.000 часови аудио инструкции, 50.000 часа видео инструкции и 11.000 online предавања.

Практична примена на дигитализацијата

Како пишувач на овие редови лично се уверив во поглед на примената на дигитализацијата, што го нема на другите универзитети во Македонија.

Имено, Универзитетот целосно го имплементира електронскиот индекс за студентите, електронско оценување и целосна електронска административна поддршка за студентите која овозможува електронско плаќање, електронско пријавување на испити, електронска заверка на семестар преку која се избегнуваат досега познатите потешкотии на студентите низ универзитетите во државата со административните служби. На овој начин, физичкото присуство на студентот на шалтерите на универзитетот се сведува на минимално ниво.

Што има УГД, а го немаат другите Универзитети во Македонија

Универзитетот Гоце Делчев – Штип (УГД), располага со електронска библиотека како online ресурс, со што студентите на овој универзитет немаат потреба од користење на традиционалните печатени учебници, туку истите бесплатно ги добиваат преку електронската библиотека која брои преку 974 (деветстотини седумдесет и четири) бесплатни електронски изданија, кои студентите бесплатно ги преземаат.

Според, последната статистика направена во јануари 2023 г. направени се 448.819 бесплатни преземања на материјали од електронската библиотека.

Интернационализација на Универзитетот

Покрај дигитализацијата како особено значаен процес, Универзитетот Гоце Делчев – Штип, посебно внимание посветува и на интернационализацијата на универзитетот и меѓународната соработка, како особено значајна алка во работењето за што има усвоено и посебна стратегија. Преку склучување на меморандуми и договори за соработка со партнер институции покрај интернационализацијата на самиот универзитет допринесува и за препознатливост и презентација на државата воопшто. Во изминатиов период универзитетот има склучено повеќе од 400 (четиристотини) Интер институционални договори за соработка, на национално и меѓународно ниво.

Кои се интернационалните проекти

Истражувачките групи на универзитетот работат на бројни интернационални проекти од областа на заштита на животната средина, аерозагадувањето, искористување на минералните суровини, производството на храна, здравството, правото и политиката, информатиката, економијата како и развој на квалитетот на вестите и независното новинарство, главно поддржани од страна на Европската Унија и меѓународни донатори. Проектите како CARBONICA RIS-CuRE или ТАР (Проектот за справување со аерозагадувањето во урбаните зони), се авангарда во научното истражување на национално па дури и регионално ниво и овозможуваат нови решенија за проблемите со отпадот, справување со климатските промени и идентификација на изворите на аерозагадување во нашите градови.

Универзитетот членува во повеќе интернационални асоцијации како што се: European University Association (Европска универзитетска асоцијација), EURAS (Евроазиска универзитетска унија, UniAdrion, Magna Carta Universitatum и многу други.

Универзитетот е спортски и културен центар

Покрај ова, Универзитетот Гоце Делчев – Штип, располага со универзитетски спортски и културен центар кој овозможува спортски и физички активности за сите чинители на универзитетот, водејќи се од начелата за активен, фит и здрав начин на живот. Универзитетскиот спортски центар има 3 (три) спортски клуба и тоа: машки одбојкарски клуб – УГД – Штип, женски одбојкарски клуб – Младост и машки кошаркарски клуб – УГД студент. Овие клубови активно се натпреваруваат во националните лиги и учествуваат во интернационални проекти за јакнење на свеста за активен и фит живот и бележат значајни успеси како што се освојување на купот на Одбојкарската федерација на Република Македонија за сезоната 2023/2024 година во машка конкуренција.

Во овој контекст професорите на универзитетот активно го користат методот на раскажување приказни во природа попознат како „Story telling in nature“, обидувајќи се на ваков начин полесно да навлезат во животот на студентите и да допринесат при градењето на чувство на сопствен идентитет. Користејќи го овој метод на предавање во исто време се промовира развој на чувството кон заедницата и припадност вмрежување на студентите, помош за градење  и искористување на сопствениот потенцијал, развојот на емпатија и самодоверба кај студентите како и олеснување на процесот на учењето.

Кои се заслужни за ваквиот успех на УГД-Штип ?

Oд моите согледувања и констатации, за сето тоа што е напавено за седумнаесет години на УГД-Штип, го прашав,  првиот човек ректор професор д-р Дејан Мираковски, кои се заслужни за ваквиот успех, со што ќе изјави:

„ Со гордост можам да констатирам дека Универзитетот „Гоце Делчев“, денес е  етаблирана и модерна високообразовна установа, кој на студентите во сите циклуси им обезбедува знаење и вештини неопходни за успех во различни професии. Во изјавата ректорот Мираковски додава:„ Истовремено, УГД се етаблира и како центар  за истражување и развој, потикнувајќи ги иновациите во голем број дисциплини, но и како средина која промовира културен и социјален развој на сите студенти и соработници. Токму затоа, смета ректорот Мираковски, дека  Универзитетот навистина прерасна во установа  со реален  ангажман во сите свери на македонското општество и има значително позитивно влијание не само во  средината во која функционира, туку и пошироко. Па истакнува ректорот Мираковски дека:„ сегашните достигнувања се резултат на многу работа, пожртвуваност, донесување крупни и значајни одлуки, отворање нови врати кон глобалниот свет на знаењето, осовременување на студиските програми и условите за студирање и секако привлекување студенти од сите страни на светот. Сите поранешни ректори, проректори, декани, продекани, професори и сите вработени се заслушни за постигнатите успеси на Универзитетот, бидејќи несебично и неуморно се вградија себеси и својот потенцијал во остварувањето на поставените цели.  За ова од срце им благодарам“.

Имајќи, го во предвид сето досега кажано, Универзитетот „ Гоце Делчев “ – Штип, гордо го продолжува патот на градење на еден успешен универзитетски развој и со право е рангиран  во Република  Македонија, како и во странство, како  Втор универзитет од Република Македонија, чекорејќи по патот на апостолот, учителот на македонскиот непокор Гоце Делчев: „ Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите“.

ЧЕСТИТКИ И САМО НАПРЕД!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес