Министерката за одбрана и вицепремиерка Радмила Шекеринска, во текот на состанокот на Централниот одбор на СДСМ во петокот вечерта потврди дека во тек е расправата за двојни избори, и истакна дека СДСМ владејачката партија „не се води од партиските, туку од државните интереси“, како и оти ќе бидат сослушани сите аргументи „за“ и „против“ за прифаќање предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, кои ги бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Мислам дека еден од силните аргументи за двојните избори е што ваквата варијанта ги намалува шансите за некаков бојкот. Прескапо е која и да е политичка партија да се откаже од учество. Вториот аргумент е дека зад нас е еден заокружен процес и фокусот оваа година и половина беше на теми кои значат стратешки интерес на државата на патот кон НАТО и ЕУ“, рече Шекеринска во изјавата за дневникот на телевизијата 1ТВ
Претходно Шекеринска извести дека Централниот одбор на СДСМ одал признание и честитки за Владата затоа што „тоа што го работевме година и половина се реализираше“.
„Испишавме историја и ние и грчките колеги. Го ратификувавме договорот за решавање на три деценски спор, а грчкиот премир збореше за егзодусот, кој е врзан со нашата траума за тие историски мигови. И тоа со толку жар, емоција и добрососедство. Грчкиот премиер јасно и гласно говореше во Грција“, рече Шекеринска во врска со денешната ратификација на Договорот од Преспа во грчкиот парламент со кој се менува уставното име на Република Македонија.