Летниот кампус 201 е пример за заедничката регионална и мултилатерална соработка и за партнерствата кои ја дефинираат нашата заедничка безбедност и иднина. Споделените вредности помеѓу нашите држави мораме постојано да ги унапредуваме и негуваме бидејќи само така ќе ги оствариме нашите заеднички цели и успешно ќе се справиме со современите безбедносни предизвици, истакна во своето обраќање министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на денешното отворање на осмиот по ред Летен кампус во Центарот за обука „Пепелиште”.
Пред 116-те учесници на Кампусот кои доаѓаат од 12 земји, министерката посочи дека тој е пример за регионална соработка и партнерство, дека е уникатен проект на кој своите знаења и искуства ќе ги споделат професори и експерти од Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Германија, Чешка и Македонија.
Министерката рече дека Република Македонија континуирано вложува ресурси во унапредувањето на интероперабилноста на вооружените сили и развојот на регионалната соработка. „Без луѓе, без кадри и без знаење не е можно да се оди напред, а ова го вклучува и одбранбениот сектор и нашата Армија. Денешната инвестиција е инвестиција во сопствените сили, во капацитетите, во идните генерации, но и во соработката со нашите традиционални партнери”, додаде министерката. Таа истакна дека Министерството максимално посветено работи на унапредувањето на капацитетите и условите за обука – армискиот полигон ‘Криволак’ денес ги задоволува сите услови за обука на највисоко ниво и е отворен за армиите на нашите партнери.
„Во наредните две недели, учесниците на Кампусот ќе соработуваат, ќе учат и ќе вежбаат заедно, за да можат еден ден да застанат рамо до рамо во поддршка на регионалниот и глобалниот мир”, порача деканот на Воената академија, полковникот Орце Поповски на отворањето.
Додаде дека овој кампус е посветен на 100-годишнината од Дојранската битка во Првата светска војна, мигрантската криза на јужната граница и бројните културни активности и презентации.
Оваа година Летниот кампус се разликува од претходните, по тоа што фокусот е ставен на академската елаборација на различни теми, но со иста цел – воспоставување на моќна мрежа на идните офицери и нивна подготовка за идна интероперабилност и соработка.