Посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на Македонија не е случајна, но не е ниту подарена, рече во понеделникот министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Министерката оцени дека Владата сторила многу за спроведување на клучните реформи за одблокирање на евроатлантските процеси кои, исто така, биле пречка за членство во атлантскиот сојуз, покрај проблемот за името со Грција.
„Посетата ја гледаме како можност на Македонија да се претстави во поинакво светло, како држава која ги решава своите проблеми, како држава која работи на својот приоритет и како држава која реално верува дека членството во НАТО и ЕУ значат поголема сигурност и поголем просперитет на граѓаните на Република Македонија. Погледнате ја само еврообврзницата од пред неколку дена. Една од причините за така ниската каматна стапка лежи и во вербата на многумина кредитори дека Македонија е идната членка на НАТО“, рече Шекеринска.
Сепак, додаде министерката за одбраба, по „серијата позитивни пораки“ од Македонија, Грција и меѓународната заедница дека Македонија е пред сериозна шанса за датум за преговори за Европската унија и влез во НАТО.
Шекеринска рече дека следува важен период.
„Генералниот секретар нема да го решава проблемот со името. Генералниот секретар ќе ја прати пораката дека кога една држава сака да стане членка на НАТО и ги влече вистинските потези, го гарантира владеењето на правото, основните вредности кои што се основата на НАТО алијансата дека тогаш таа ја добива шансата за членство во НАТО. Пред нас се важни месеци, никој однапред не може да шпекулира што и како ќе се случува“, посочи.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во среда и четврток ќе престојува во својата прва официјална посета на Македонија, а покрај бројните средби со македонскиот државен врв и релевантните политички фактори во земјата, а предвидено е да се обрати пред македонсиот парламент.