Главна цел на техничката влада што треба да биде избрана денеска ќе биде да овозможи гласот на граѓаните, ослободени од притисоци и влијанија, да одлучува каде ќе се движи Република Македонија, изјави заменик претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска при посетата на општина Ѓорче Петров.
– Како што ветивме денеска ќе биде повторно избрана техничката влада којашто треба да организира фер, демократски, кредибилни избори на 11 декември, рече Шекеринска.
Запрашана за тоа какви ингеренции ќе има техничкиот министер за внатрешни работи со оглед дека имаше неколку измени во МВР, Шекеринска истакна дека тој, како што рече, ќе има капацитет, знаење, и законските можности не да обезбедува партиски цели, туку да ја обезбеди целта на сите граѓани тие, а не партиите да одлучуваат.
Во врска со тоа дали мисли оти оваа влада ќе функционира, Шекеринска вели дека во СДСМ се свесни оти, како што наведе, „што и да се случува ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да биде партија што е контролирана од една мала врхушка којашто сака да се спаси од криминалот што го правела вршела годините наназад и оти ќе опструираат и прават проблеми“.
– Подготвени сме на тие проблеми да одговориме со решенија. Нивното време заврши, граѓаните се ослободија. Целта на оваа преодна влада ќе биде да им даде шанса на граѓаните да го кажат својот збор. Во демократска држава граѓаните го одлучуваат тоа, истакна Шекеринска.