„Секој куршум има мета“ – лекција за опасностите од неовластено пукање за учениците во Липково

Пораката „Секој куршум има мета! Слави со срце, не со оружје“ денеска им беше пренесена на учениците и другите жители на општина Липково.

На настанот во село Слупчане, кој се организираше како дел од кампањата за подигнување на свеста за опасностите од неовластено пукање, присуствуваа ученици и персонал од училиштата во Липково, советници во општината, како и членови на месните заедници.

Претставници на СВР Куманово одржаа кратка лекција за последиците од носењето и злоупотребата на мало и лесно оружје. Колку далеку може да „патува“ куршум испукан во воздух, што доколку некој присуствува на веселба на која се пука, дали и каде смее да пука лице што поседува дозвола за носење оружје, се само дел од прашањата што беа дискутирани на настанот.

„Целта на овој настан е да ја подигнеме свеста на граѓаните за последиците и опасностите кои демнат при употреба на оружје на семејни прослави. Последиците се сериозни – на овој начин прославата многу лесно може да се претвори во трагедија. Семејствата треба да влијаат врз своите блиски и да не оправдуваат користење оружје како средство за славје. Освен што е опасна, употребата на огнено оружје е нелегална и затоа ние како општина апелираме до граѓаните да прославуваат со срце. Сите знаете, но да ве потсетам, животот е најскап дар за сите“, рече градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи.

На денешниот настан уште еднаш беа прикажани видеоматеријалите што ги подготвија МВР и УНДП со цел едуцирање и информирање на населението. Беше поставена и изложбата насловена „Што ако…?“ со наслови од медиумски објави за инциденти предизвикани од залутани куршуми. Идејата на оваа изложба е да се запрашаме колку лесно ги одминуваме ваквите вести, без притоа да помислиме што ако беше погоден човек. Целта е да се промени оваа перцепција и да се поттикне пријавување и осуда на секое неовластено користење огнено оружје.

„Сигурна сум, ниту една мајка нема да го одобри пукањето на прослава, ако знае дека мета може да биде детската соба на нејзиното бебе. Ниту еден татко нема да чува пиштол дома, ако знае дека неговиот син во детска игра може да го загуби животот. Затоа, пораката која сакам да ја пренесам денеска е дека секој од нас може да придонесе и да спречи трагедија доколку одбие да биде сведок и дел од прослави каде што се слави со огнено оружје и се пука. Славете со срце, не со оружје!“, порача заменичката на постојаниот претставник на УНДП, Сања Бојаниќ.

Кампањата се спроведува во исто време во Македонија и во Косово како дел од проектот „Прекуграничен интегриран институционален пристап во борбата со нелегална трговија со оружје и мало и лесно оружје“. Во рамки на проектот, дополнително се работи и на зајакнување на капацитетите и меѓуинституционалната соработка, како и на подобрување на полициските практики во борбата против недозволената трговија со оружје. Целта е намалување на количеството оружје што циркулира во општеството, градење искрен однос меѓу полицијата и граѓаните и создавање побезбедни заедници, а со тоа посигурен и поквалитетен живот за сите граѓани.

Кампањата „Секој куршум има мета! Слави со срце, не со оружје“ е финансирана од владите на СР Германија, Обединетото Кралство, Франција, Шведска, Холандија и Норвешка преку Мултипартнерскиот доверителен фонд, а e поддржана од Европската Унија.