
Градскиот совет на Париз ги повика жителите на француската престолнина да пополнат образец на неговата веб-страница за да можат во аптеките да добијат бесплатни маски за повеќекратна употреба.
Од понеделникот во Франција започна постепенотпо укинување на ограничувањата воведени со цел да се сузбие епидемијата од новиот тип коронавирус. Ширум земјата започна отворање на училиштата, продавниците за облека, трговските центри – освен во Париз, фризерските салони, библиотеките, цвеќарниците… Истовремено, кафулињата, баровите и рестораните, плажите и парковите во поголемите градови остануваат затворени до новите уредби што ќе ги донесат властите.
Како што претходно соопштија француските власти, носењето заштитена маска во јавниот сообраќај станува задолжително, а за кршење на овој пропис предвидена е казна од 135 евра.
„Градското собрание на Париз ви обезбедува маска од ткаенини која може да се пере. Од понеделникот 11-ти мај ве повикуваме бесплатно да ги подигнете маските за вас и за членовите на вашето семејство над 11 години“, се наведува во соопштението на властите на главниот град на Франција.
Се додава дека маските ќе се издаваат со приложување на документи за лична идентификација. На веб-страницата на Градското собрание на Париз може електронски да се пополни формулар, во кој покрај личните податоци се наведува и времето и денот кога граѓанинот сака да ги подигне маските на одреден список во аптека.