Секој петти човек е во опасност од тешка форма на Covid-19

Околу 1,7 милијарди луѓе, или повеќе од петтина од светската популација, е во опасност од потешка форма на респираторната болест Covid-19, којашто ја предизвикува новиот коронавирус SARS-CoV-2, поради придружните заболувања, како што се срцевите болести или дебелината, покажува истражувањето на британски научници.

Новиот коронавирус, кој во првиот бран на пандемијата усмрти над 420.000 луше, посилно ги погодува пациентите со значителни коморбидитети, односно нивните основни болести. Група научници од Лондонскиот колеџ за хигиена и тропска медицина, ги анализирала глобалните податоци за низа болести, како дијабетесот, болестите на белите дробови и заразата со ХИВ, за да процени колку луѓе во светот имаат поголема предиспозиција за развој на потешка форма на Covid-19.

Откриле дека секое петто лице во светот има најмалку една основна болест којашто го доведува во поголема опасност. И иако сите тие нема во случај на зараза да развијат тешки симптоми, научниците предвидуваат дека околу четири отсто од светската популација, или 350 милиони луѓе, веројатно ќе завршат во болница.

„Земјите излегуваат од карантин, а владите бараат начини како да ги заштитат најранливите од вирусот кој сѐ уште кружи“, вели еден од авторите на студијата, Ендрју Кларк. Додава дека резултатите од ова истражување може да им помогнат на властите во одредувањето на приоритетите при вакцинирањето кога ќе биде пронајдена вакцината за Covid-19.

Во согласност со резултатите од другите студии, и во оваа авторите заклучуват дека повозрасните лица се во поголема опасност од развој на потешка форма на болеста. Имено, помалку од пет отсто од светската популација помлада од 20 години има некој придружен фактор на ризик, во споредба со две третини постари од 70 години. Ризикот не е насекаде рамномерно распореден, додаваат научниците.

Островските држави како Фиџи и Маурициус, имаат највисоки стапки на дијабетес во светот, веќе признат фактор за ризик од потежок облик на Covid-19. Лекарите предупредуваат дека особено претпазливи треба да бидат и земјите со висока стапка на ХИВ, како кралствата Есвантини и Лесото.

Истражувањето покажало и дека во Европа 30 отсто од населението веќе биледува од најмалку една здравствена состојба којашто може да ја компликува инфекцијата со коронавирусот. Научниците велат и дека студијата покажува дека е време пристапот, кој е еднаков кон сите, да се развие во таков којшто ќе се концентрира на лицата со највисок ризик.