Околу 20 проценти од децата заразени од коронавирус во САД имаат потреба од болничко лекување, а хоспитализација е најверојатна кај бебиња на возраст помала од 12 месеци, покажува првата анализа на болеста кај најмладите пациенти.
Споредено со возрасните, децата имаат поголема веројатност да немаат или да имаат само ограничени симптоми, се посочува во вчера објавената анализа на американскиот Центар за контрола и превенција на болести. Тоа соодетствува со објавените студии во Кина, според која, кај децата можеби оваа болест нема да биде дијагностицирани. Сепак, тие можат да инфицираат возрасни, кај кои е значително поголема веројатноста да имаат потреба од интензивна нега (4,5 отсто кај возрасните до 65 години, наспроти два проценти за деца под 18 години).
Затворањето на училиштата не помага во спречување на коронавирусот, но ќе има големо влијание врз ефектите во општествата по завршувањето на карантинските мерки, изјавија вчера истражувачите од Универзитетскиот колеџ во Лондон.
– Од претходните истражувања знаеме дека затворањето на училиштата има најголем ефект ако вирусот се пренесува тешко и децата почесто се разболуваат. Токму спротивното е случајот со Ковид-19, потенцира Расел Вајнер, експерт за здравјето на деца, и еден од водачите на студијата.
– Водечките политичари треба да бидат запознаети со податоците кога размислуваат дали да се затворат училиштата, особено со оглед на долгорочното влијание врз децата, истакна тој. – Сега, 107 држави кои затворија училишта треба да се прашаат кога и под какви услови да ги отворат, додаде Вајнер.
Студијата се заснова на 16 претходни студии, од кои девет се однесуваат на затворање на училиштата за време на епидемијата на САРС во 2003 година.