Секој од кандидатите за претседател на државата за време на предизборната кампања ќе добие лично обезбедување од Шестата управа на Министерството за внатрешни работи, информираше денеска министерката Гордана Јанкулоска по работниот состанок во Одделот за обезбедување во рамките на подготвките на двата изборни процеси.
Министерката вели актуелниот претседател Ѓорге Иванов веќе има обезбедување кое следува со функцијата која ја извршува, додека за останатите кандидати ќе бидат назначени лица со стартот на предизборната кампања.
„На кандидатите им следува лично обезбедување и преку луѓето кои ќе бидат определени да сораборуваат со нив нивните тимови ќе имаат соработка со сите надлежни полициски станици каде ќе се одвиваат нивните активности“, вели Јанкулоска додавајќи дека и онака полицијата има обврска да ги обезбедува сите поголеми собирања и митинзи.
Министерката не очекува дека за време на предизборната кампања ќе има потреба вонредни мерки и зголемен број на лица за обезбедување.
„Нашите очекувања се дека ќе нема потреба од вонредни обезбедувања или дополнителни ангажмани. Во рамки на редовното работење ќе можеме да одговориме на сите задачи кои стојат пред нас во кампањата за претседателските избори“, изјави Јанкулоска, додавајќи оти во моментот кога ќе почнат парламентарните избори, МВР ќе се прилагоди на новонастанатата ситуација.
Викендов Јанкулоска имаше средба и со претставници на Агенциите за обезбедување кои најчесто се ангажирани од политичките партии за одржување на редот при нивните митинзи и средби со граѓаните и договорена поголема соработка меѓу приватното обезбедување и полицијата.