
Во случајот со стипендирањето на ќерката на Никола Димитров, нема ниту нејзино привилегирање, ниту дискриминирање на кој било друг кандидат, вели поранешната министерка за образование и наука Рената Дескоска, објави Макфакс.
Минатата година, додека на чело на министерството за образование и наука беше Дескоска, стипендија од 40 000 долари за студии во Холандија добила Јана Димитрова, ќерка на министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
„Нема ниту нејзино привилегирање, ниту дискриминирање на кој било друг кандидат. Тоа може да се види и од списокот на кандидати и од списокот на лицата кои конкурирале. Секој студент којшто ги исполнува строгите критериуми за упис на најдобро рангираните 100 универзитети има право да добие стипендија и не смее да биде дискриминиран, а истото важи и за ќерка на сегашен функционер. За случајот со ќерката на Димитров, законските рокови и условите се целосно испочитувани, затоа што МОН не влијае при упис на кандидатите на странски универзитет, туку доделува стипендија на сите деца кои ги исполнуваат условите без исклучоци, без привилегирање и без дискриминација“, изјави Дескоска за Макфакс.
Таа смета дека во целиот случај на доделување на стипендијата никој не ја злоупотребил службената должност.
„Злоупотреба на службена должност постои во два случаи: доколку на некој студент кој не ги исполнува условите му биде доделена стипендија и доколку на некој кој ги исполнува условите не му биде доделена стипендијата. Ниеден од овие два случаи не се присутни при доделувањето на стипендијата на ќерката на Никола Димитров“, вели Дескоска.
Спорде неа секој кандидат кој ги исполнувал условите за доделување стипендија за студирање на најдобро рангираните 100 универзитети бил стипендиран. Во конкурсот немало ограничување на бројот на места, а во 2017 година, според Дескоска, имало помалку кандидати од одобрените средства за стипендии.
Дескока има објаснување и за парите исплатени во изборен период кога на институциите им се забранети такви активности.
„Заради појаснување на постапката, формираните комисии одлучуваат во определни интервали, согласно со доставените пријави за стипендирање. Заради почитување на законските рокови, сите одлуки се донесени пред распишување на изборите. Секако, јасно е дека не е возможно одлучување по изборите бидејќи на тој начин студентите ќе ја испуштат учебната година која почнува или во септември или октомври, зависно од универзитетот. Поради изборите беше поместено и одлучувањето за стипендиите за Шефилд кои ги доделува МОН во содејство со претседателот на РМ“, објасни Дескоска.