Земјава влезе во третиот бран на пандемијата со ковид-19 поради фактот што имаме енормно зголемување на бројот на заразени и починати, реагираше коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива преку соопштение.
„Причините се: лошо управување со пандемијата од страна на владата и особено од Министерството за здравство, мутации на вирусот и несоодветно однесување на дел од граѓаните. Денес се обележува една година од смртта на првиот пациент како резултат на ковид-19 и овој број денес достигнува 3.388 починати, каде што во корелација со бројот на жители се рангираме на врвот на табелата во глобално ниво, додавајќи ги тука 115.222 заразени, 12.819 активни случаи и 99.015 излекувани пациенти. Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, како конструктивна опозиција, континуирано ја следеше, критикуваше и предлагаше конкретни решенија за управување со пандемијата. Лошото менаџирање беше очигледно и тоа од почетокот на пандемијата како касно спроведување на заштитните мерки и недостатокот на заштитните средства во болниците“, се вели во соопштението.
Во октомври, наведуваат оттаму, се лансира роверот „Персеверенс“ на НАСА за планетата Марс, а во исто време премиерот Заев вети дека ќе обезбеди вакцини до декември 2020 година.
„Роверот пристигна на Марс за 6 месеци, додека вакцините во Северна Македонија сè уште ги нема никаде. Со ова се докажа слабата вакцинодипломатија што резултираше со ниско ниво на масовно вакцинирање на населението и вакцинотуризмот, каде што многу граѓани бараа да се вакцинираат во соседните земји. Владата, а особено Министерството за здравство не ги сфатија сериозно предлозите на Светската здравствена организација за третиот бран и неговите последици. Тие не ја подобрија инфраструктурата на болниците, особено на Клиничката болница во Тетово, каде многу роднини на пациентите се жалеа на лошата состојба, суровите услови и несоодветниот третман на пациентите како резултат на потценувањето на миграцијата на медицинскиот персонал кон западните земји. Министерството е одговорно и за тоа што не изгради многу модуларни болници, особено во Битола и некои други градови. Ние сме на крајот на март или на крајот на првиот квартал на годината, кога според ветувањата, требаше да се обезбеди доволно количество вакцини за да се постигне колективен имунитет и да се нормализира епидемиолошката состојба“, се вели во соопштението.
Нас не ни требаат изговори или поплаки за одложувањата, додаваат од коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива, но бараме одговорност од премиерот Заев, вицепремиерот Груби, министерот Филипче и заменик министерот Хасани за необезбедување на вакцини и аферата со кинеските вакцини.
„Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива повторно предлага Универзитетските клиники во Клиничкиот центар да бидат прогласени за зелени зони, каде ќе се лекуваат пациенти со разни болести кои негативно влијаат на општото здравје на населението, додека Градската болница ‘8 Септември‘, спортската сала Борис Трајковски и касарната Илинден да станат ковид центри или Црвени зони. Исто така предлагаме да секој граѓанин еднаш неделно да може да се тестира со брзи тестови за детектирање на коронавирусот, како и проширување на Комисијата за заразни болести со професионалци од областа на инфектологија, микробиологија и имунологија“, предлагаат од коалицијата.