Села реизбран за претседател на Алијанса за Албанците

Зијадин Села, актуелниот претседател на Алијанса за Албанците, денеска беше реизбран за претседател.

Тој беше единствениот кандидат на оваа партија на денешниот конгрес.

Тој е убеден дека на следните избори Алијансата за Албанците ќе излезе како победник.

„Алијансата за Албанците ќе победи заедно со Албанците, заедно со другите политички субјекти со кои смета дека е направено  и премногу и Албанците ќе треба да отворат ново поглавје“, истакна Зијадин Села.

Иако Села ја доби довербата од членството да ја води партијата во наредните 4 години, со ова не се согласуваат сите. Љатиф Арифи, еден од основачите на Движењето за реформи во ДПА, вели дека ова не е втор конгрес, туку трет на партијата, па Села повеќе не морал да се кандидира, бидејќи статутот предвидува само два мандати за претседател.

„Согласно член 78 од сегашниот Статут на партијата, Зијадин Села потроши два мандати. Сум учествувал на два Конгреса, на 10.03.2015 година и на 21.03.2018 година, без разлика како се нарекуваат. Ова е трет Конгрес на Алијансата. Изборот на Зијадин Села е нелегитимен, избор кој ќе ги оспориме на суд во име на основачите на партијата“, вели Љатиф Арифи.

Арифи тврди дека нему и на другите незадоволни луѓе не им било дозволено да присуствуваат на денешниот  Конгрес. Зборувајќи за ова, Села рече дека ова е втор пат како е избран  за прв човек на Алијанса за Албанците, а никој не добил забрана за учество на Конгресот и дека имало и критичари на партијата.

„Им благодарам на сите, дури и на оние кои можеби го критикуваа Зијадин Села, и на оние кои не го сакаа Зијадин Села на чело на АА, но во исто време, преку вас ги замолувам  да не кажуваат измислици, никому не му е одземено правото да учествува на овој Конгрес. Но кога не  се базираш на основата, да се пријавиш како делегат на Конгресот, јас немам право воопшто, кој и да дојде и да ме праша дали може да стане делегат, јас го немам ова право“, посочи Зијадин Села.

На Конгресот беа донесени неколку одлуки кои Села ги нарече важни. Беа одобрени декларацијата  за политичката актуелност,  партиски документи поврзани со статутарните измени,  политичката платформа приспособена на околностите и беа избрани членовите на Централното собрание. На Конгресот на АА присуствуваа претставници на ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, Движењето Беса, Алтернатива, Движењето за самоопределување  на Косово и меѓународни претставници.