
„Алијансата за Албанците“ на гласањето за доверба на Владата ќе гласа „воздржано“ бидејќи премиерот Зоран Заев не ја заслужува поддршката, рече пратеникот Зијадин Села.
Јас ја дадов поддршката кога беше избран за премиер, денес не ја заслужуваш поддршката за доверба. Гласот на „Алијансата за Албанците“ ќе биде „воздржан“, рече Села.
Тој додаде дека во собраниската сала имало луѓе што живееле со логиката- умре царот, да живее царот- обраќајќи му се на Заев со зборовите: „Ова го велам со жалење, еден семеен режим се урна, а се раѓа друг“.
Според Села, не постои суштинска дебата, а собраниската седница за гласање доверба на Владата е обичен театар, преку која македонската опозиција треба да се врати во Собранието.
Пратеникот Села за законот за јазиците, кој е дел од интерпелацијата, вели дека требало да биде донесен во 2004 година, а не, како што вели, денес да се говори за неговото носење.
Тој на Заев му рече да не најавуваат промена на министер од редовите на ДУИ во друго министерство бидејќи ДУИ ќе ја изгори и таа архива, како што се случило во „Македонска пошта“ и во Министерството за правда. Според Села, нема суштинска реформа во правдата.
Реформа во правдата, со министер што ќе ја запали архивата, нема да има ниту во иднина, рече Села.