Од почетокот на пандемијата со Ковид-19 зголемен е бројот на жени жртви на семејно насилство, коментира за БТА сопругата на бугарскиот амбасадор во Македонија, Билјана Ангелова, која е иницијатор на кампања за поддршка на жртвите за семејно насилство.
Веќе се испратени писма до градоначалниците во Република Северна Македонија со барање да се одржат собири на 12 декември во 12.00 часот на плоштадите во повеќе градови во земјава, вклучително и во главниот град Скопје, за да се каже „не“ на семејното насилство.
Мотото на кампањата „СТОП на семејното насилство! Бидете храбри“ е и главната порака на Билјана Ангелова до жените – да веруваат во себе и да бидат храбри. Затоа што храброста е она што најмногу им недостасува на овие жени, вели таа. Кога веруваш во себе, тогаш си силен и ќе одиш напред и ќе си ги заштитиш децата – затоа што ако толерираш насилство, ќерка ти ќе сфати дека е нормално да се толерира таков став, а твојот син – дека е нормално да го прави тоа, објаснува Ангелова. Таа, исто така, во кампањата вклучи повеќе луѓе за да им ја пренесе пораката „Биди храбра“ на различни јазици, за да стигне до различни луѓе и различни земји. Пуштени се и телефони за СМС донации, а корисници на тие средства се три центри – Организација на жените во Скопје, која е кризен центар за краткотраен престој на жени жртви на насилство, Кризниот центар „Надеж“, каде жените можат да престојуваат подолго, и „Една може“ („One Can“) – за самохрани родители, кои тешко можат да најдат работа и реално сами се соочуваат со животот.
На секој од овие центри им требаат различни работи. На пример, на Организацијата на жените во Скопје, каде што жртвите можат да останат од 24 до 48 часа, и требаат основни работи, објасни Ангелова. Таа, исто така, планира хуманитарна кампања во која луѓето ќе можат да донираат се – од пелени за бебиња, до чаршафи и храна со подолг рок на траење.
Во рамки на иницијативата Ангелова направи фотографии на кои таа и нејзината ќерка се нашминкани како жртви на семејно насилство, а исто така им предложи и на други жени од дипломатскиот кор да направат вакви фотографии, за да се испровоцираат себеси и другите на необичен начин. Кога ќе се погледнете себе си во огледало како „жртва“, тоа без сомнеж ќе ви предизвика емоции, а верувам и кај вашите најблиски, вели Билјана Ангелова. Доколку има одѕив на нејзината идеја, Билјана Ангелова планира да направи изложба со фотографиите. Инаку, таа ја покани македонската уметница Андријана Мациев да ги презентира своите дела во рамките на кампањата. Оваа уметница е самохран родител, со тешка судбина, а нејзините слики се апстрактни, смели и колоритни, полни со добро расположение. Средствата од изложбата на фотографиите и сликите ќе бидат уште еден начин за да им се помогне на жртвите.
На 7 декември во Скопје ќе биде организирана и конференција, на која ќе бидат поканети претставници на повеќе институции, меѓу кои и министерствата за правда, за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и на центрите корисници на кампањата. Идејата е да се разбуди свеста кај луѓето за овој проблем, да им се даде на знаење на жените кои се нивните права кога ќе се соочат со него, каде да одат и како ги штити државата, вели иницијаторката на кампањата. Собирањето храброст и воопшто да тргнеш и отсега да не си сама, институциите да работат за тебе, објаснува таа, додавајќи дека жената треба да се чувствува сигурна во државата во која живее.
Не е точно дека повеќето жени жртви на семејно насилство се од сиромашни семејства. Финансиската состојба не е важна, коментира Билјана Ангелова. Има многу жени кои работат во големи компании, изгледаат совршено, имаат совршена шминка, но нивниот сопруг – на пример затоа што е љубоморен, има проблеми со алкохолот или е нервозен – ги тепа, наведува таа пример, забележувајќи дека семејното насилство може да биде и финансиско и психичко.
Во Бугарија пред пандемијата, секоја четврта жена била жртва на семејно насилство, а во Република Северна Македонија – секоја трета, вели Ангелова, додавајќи дека пандемијата ја влошила состојбата.
Билјана Ангелова бара начини за поддршка и на деца и на лица со посебни потреби, бидејќи пандемијата ги погоди и нив. Една од нејзините идеи е да организира модна ревија со облека и додатоци изработени од лица со посебни потреби, кои знаат да шијат, да плетат и да креираат. Така, можеме да покажеме дека тоа се луѓе со вештини и можат да работат на многу места, на пример во модна куќа, дава пример Ангелова.
Таа иницира кампањи кои траат подолго, а не се само еднократен чин. Таа успеа да поврзе различни организации и луѓе за да работат заедно за една цел. Ова е најдоброто нешто што можам да го направам – да можам да ги обединам сите, дури и кога се конкуренти, да размислуваме заедно за доброто, вели Билјана Ангелова.