Семејствата бегаат од централна Газа, Израел напредува во офанзивата

Десетици илјади веќе раселени палестински семејства беа принудени повторно да побегнат во четвртокот во новото масовно иселување во централна Газа, бидејќи израелските сили постигнаа значителен напредок таму напаѓајќи ги областите каде што веќе се сместија луѓето протерани од северот.

Израелските сили ја нападнаа областа околу болницата во средиштето на Кан Јунис, најголемиот град на југот на Појасот Газа. Тамошните жители стравуваа од нов копнен упад на територија полна со семејства кои останаа без покрив над главата во 12-те сседмници од војната.

Израел ја засили својата копнена војна во Газа непосредно пред Божик по Грегоријанскиот календар и покрај глобалните повици и молбите од неговиот најблизок сојузник Соединетите држави да ја намали воената кампања во последните седмици од годината. Борбите сега се концентрирани во централните области јужно од мочуриштата што го пресекуваат Појасот Газа. Израелските сили им наредија на цивилите во областа да заминат додека нивните тенкови напредуваат.

Десетици илјади луѓе кои бегаат од областите Нусеират, Буреиџ и Магази во централна Газа се упатија на југ или запад во четвртокот кон веќе пренаселениот град Деир ал-Балах долж медитеранскиот брег, пристигнувајќи во импровизирани шаторски кампови.

„Над 150.000 луѓе – мали деца, жени со бебиња, инвалиди и стари лица – немаат каде да одат“, објави UNRWA, главната агенција на Обединетите нации која дејствува во Појасот Газа, во објава на социјалните мрежи. Таа го осуди, како што вели, „присилното раселување“.

Источниот дел на Буреиџ беше место на тешки борби во четвртокот претпладнето, при што израелските тенкови напредуваа од север и исток, велат жителите и милитантите.

„Дојде тој момент, посакував никогаш тоа да не се случи, но се чини дека раселувањето е неопходно“, изјавил за Reuters 60-годишниот Омар. Рекол и дека бил принуден да се пресели со најмалку 35 членови на семејството. „Сега сме во шатор во Деир ал Балах поради оваа брутална израелска војна“, вели Омар за Reuters во телефонски повик, одбивајќи да го каже своето презиме поради страв од одмазда. „Израел убива лекари, влијателни лица на социјалните мрежи, новинари и цивили“, се оправдал тој.

Јамен Хамад, кој се населил во училиште во Деир ал-Балах откако побегнал од северот, рекол за агенцијата дека новите бегалци кои пристигнуваат од Буреиџ и Нусеират поставуваат шатори каде и да најдат слободен простор. Бидејќи храната е при крај, Хамад вели дека го направил опасното патување до Рафа во близина на египетската граница за да купи вреќа од 25 килограми брашно за своето семејство.