Семејството – родителите и општеството

Врз правилниот развој на личноста на детето родителите влијаат со својот начин на живот и поведение спрема децата, спрема другите членови, спрема институциите и спрема општеството. Со други зборови речено родителите го оспособуваат детето за самостоен живот и го потпомагаат неговиот целокупен понатамошен раст и развој.

Семејството како примарна социјализациско-едукативна заедница секогаш го привлекувало вниманието на теоријата и практиката од причини што во семејството се поставуваат основите на целокупниот развој на личноста на детето. Во тој поглед постојат повеќе истражувања сознанија и видувања за улогата и функцијата на семејството и родителите како воспитувачи на децата.

Читајќи го библискиот текст Ефешаните 6:1-4 Апостол Павле ги советува родителите: „Таковци, немојте да предизвикувате лутина кај вашите деца. Одгледувајте ги и воспитувајте ги во господовото учење“ (Ефес,6:4). Лесно е да се согледаат грешките кај децата, а тешко е зад грешките да се согледа креативноста и амбицијата. Голем предизвик за родителите е да ги одгледуваат децата според Божјите стандарди, да знаат кога да укорат, а кога да охрабрат. Потребни се многу молитви за мудрост. УКОРУВАЊЕТО ПОМАГА, НО ОХРАБРУВАЊЕТО ПОВЕЌЕ ПОСТИГНУВА! (Библиски центар „Божилак“, Библиски мисли, Скопје 2006).

Покрај родителите, значајна улога во воспитанието на децата имаат и предучилишните установи, кои исто така преку воспитувачите вршат одговорна функција во таа смисла, родителите ги запознаваат воспитувачите со основните особености и карактеристики на децата и обратно воспитувачите ги запознаваат родителите со програмските содржини и активности. Се договараат за заеднички изготвувања на одредени дидактички материјали, учество на поедини програмски содржини како и примена на Конвенцијата за правата на детето преку соодветни програмски содржини и активности. (Stevanovic.M, Predskolska pedagodija,2003)

Согласно напред изнесеното и насловот на излагањето кој е предмет на елаборација ќе се задржам на должностите и правата на родителите према децата кои произлегуваат од родителските права кои се поделуваат на: права кои се однесуваат на личноста и права кои се сврзани со имовината на детето. Во Законот за семејство под насловот Правата и должности на родителите и децата, каде што го дефинира семејството како заедница на родители и деца и други роднини кои живеат во заедничко домаќинство. Според Законот брачните односи се воспоставуваат врз принципот на: еднаквост, взаемност, почит, взаемна финансиска подршка, заштита на малолетните деца. (Закон за семејство 2008).

Во Законот за семејство се наведува: „државата ги штити семејствата и се грижи за нивното опстојување, од насилство и влошени односи и слично. Регулирани се правата кои се однесуваат на личноста, а и на имовинските односи на родителите и децата. Во Законот за семејство посебно се нагласени родителите кои се најодговорни за растот и развојот на децата и должни се да се грижат за животот и здравјето на своите деца, за нивното подигнување, воспитание и образование, а истовремено се нагласуваат и должностите на децата према родителите, односно да ги почитуваат и помагаат. Должностите и правата кои се истакнуваат за правата и должностите на детето, а произлегуваат од родителските права се: грижа, чување, воспитание, образование, застапување и издржување на детето во смисла на напред наведеното право на родителот е да му даде  име и презиме на детето и негово место во живеење. Цитираните членови од Закон за семејство ја потврдуваат улогата и функцијата на семејството-родителите, дека: детето е човечко суштество, суштество во развој и суштество што му е потребна помош од родителите и возрасните. Растот и развојот на детето и неговото подигнување и израснување во самостоен човек  неопходна е помошта, подршката, сестраната грижа и воспитување од родителите, воспитувачите, наставниците, педагозите, психолозите, лекарите и други лица. Таа помош е право на детето, а и грижа на општеството и институциите. Тоа значи дека правата и должностите ги имаат општеството, детето, родителите и институциите.

Назначајни должности и права на родителите преставуваат: чување и воспитание на детето.

Чувањето на детето е грижа за него, посебно грижата е потребна додека детето е мало и немоќно да се грижи само за сместување, исхрана, облекување, лечење и слично. И кога во негрижа на родителот животот на детето би било загрозено. Според тоа, должност на родителот е да ги заштитува малолетните деца и да се грижи за животот и здравјето на децата кои се регулирани и во Конвенцијата за правата на детето. Поконкретно, напред наведените должности за родителите, регулирани се во членовите 6 и 7 од Конвенцијата на правата на детето. Поконкретно член 6 гласи: „Државите членки признаваат дека секое дете од моментот на раѓање има право на живот и во најголема можна мера обезбедување услови за развој и напредување на детето“, додека во член 7 од Конвенцијата за правата на детето, гласи:„ детето се јавува после раѓањето и од раѓањето има право на име, право на грижа, државјанство и ако е тоа можно да знае кој му се родители и право на негова грижа“ (Види Конвенција).

Државите членки на Конвенцијата (членка е и Македонија) должни се да ги обезбедат и реализираат правата во согласност со Националните закони и своите должности во согласност со меѓународните инструменти од оваа област, посебно во случаевите кога децата би биле занемарени.

Врз правилниот развој на личноста на детето родителите влијаат со својот начин на живот и поведение спрема децата, спрема другите членови, спрема институциите и спрема општеството. Со други зборови речено родителите го оспособуваат детето за самостоен живот и го потпомагаат неговиот целокупен понатамошен раст и развој. Во педагошката и правната литература под воспитание се подразбира: грижа за детскиот психофизички развој, моралниот и интелектуалниот што го вклучува и оппштествено-морални и сексуалните односи на воспитанието. Тоа потврдува дека децата треба да живеат заедно со своите родители, а во исклучителни случаи надвор од семејството и родителите ако тоа е во интерес за детето (насилство, злоупотреба и сл.). Во кривичниот закон нормирано е како кривично дело одземањето на детето од родителите. Ова е нормирано и во член 9 став 1 од Конвенцијата за правото на детето, кое гласи: „Државите членки обезбедуваат дека нивното дете неможе да биде одвоено од своите родители против нивна волја, освен надлежни органи на основа на судско согледување одлучуваат во согласност со соодветен закон  и процедура, дека таквото одвојување е неопходно и во нивен интерес односно интерес на детето“.

Пример кога родителите го злоупотребуваат и занемаруваат детето и во таквите случаеви се донесува одлука за одземање и место на престојување, згрижување и воспитание. Во ставот 3 од истиот член исто така се нагласува дека „Државите членки ќе го почитуваат правото на детето кое е одвоено од еден  или двата родитела да одржува лични односи и непосредните контакти со двата родитела врз постојана  основа, освен ако тоа е во спротивност на најдобриот интерес на детето“.

Едно од правата и должностите на родителите, а се однесуваат на личноста на детето, е и Правото на образование со кое се овозможува детето постепено да се осамостои и оспособи за живот и животни активности во интегрирано општество. Имено, родителите се должни да водат грижа за неговото општо, а подоцна и стручно образование. Имајќи го во предвид значењето на образованието како процес родителите должни се да ја контролираат работата, учењето и училишните задачи и задолженија за детето што може да се реализираат со перманентна и постојана соработка на родителите со наставниците. Правото на образование покрај другото нормирано е и во Уставот на Република Македонија. Во правото помеѓу другото се наведува да се обезбеди право на задолжително примарно образование а со најновите измени со Законот за средно образование и со задолжително средно образование. Правото на детето за образование е нормирано и во член 28 и 29 од Конвенцијата за правото на детето (Види повеќе во КПД).

Правото на образование не престанува со полнолетството на детето и редовно школување на детето е причина за продолжување на задолженијата и издржуавањето на детето. Доколку родителите се оневозможени детето да го образуваат, а детето за тоа има способност и желба неопходно е да се побара помош од општеството.

Покрај, Уставот на Република Македонија, Законот за семејството и Законот за заштита на детето кои ја регулира и ги дефинира потребите, можностите, правата и должностите на детето, како индивидуа до 18 годишна возраст, односно до 26 годишна возраст за одредена категорија на возраст кои имаат интелектуални и физички попречености во развојот. Во Законот за заштита на детето регулирано е и опфатот на децата во предучилишните установи за децата кои имаат потреба за престој во јаслената и во предучилишната возраст.

Според, Државниот завод за статистика на Република Македонија, во 2023 година, во установите за згрижување и воспитание на деца-детски градинки за ран детски развој се регистрирани 37.804 деца, што претставува зголемување од 5.2% во однос на 2022 година. Со Годишните извештаи во 2023 година се опфатени 117 установи за згрижување и воспитание на деца, што е за 3,5% повисок во однос на 2022 година (Макстат 11.06.2024). Додека, по добиениот извештај за број на запишани деца-електронски дневник при Секторот за заштита на децата во МТСП од Министерството за социјална политика (МТСП), опфатени деца на возраст од нула до шест години во некоја форма за 2023 година е 39734 или 34,5%, а опфат на деца од 3-6 години за 2023 година е 27 776 или 45,9%.

Во Законот за заштита на детето, покрај другото регулирано е „воспитанието и образованието до 6 годишна возраст во јавните предучилишни установи преку разновидни форми на опфаќање и приватни предучилишни установи согласно одобрените и утврдени програми за воспитно-образовната работа со децата од предучилишната возраст“. Воспитно-образовните програми ги изготвува Бирото за развој на образованието, а ги одобрува Министерството за труд и социјална политика. Додека програмите за приватните предучилишни установи ги одобрува Министерството за труд и социјална политика.

Предучилишните установи како базични и примарни во системот на воспитанието и образованието заедно со семејството ги подготвуваат основите на целокупниот раст и развој и формирање на личноста на детето. Од тие причини родителите, воспитувачите, негователките, стручните работници, педагозите и други лица треба взамно да дејствуваат да создаваат поволни услови и можности за непречен раст и развој, за здраво и позитивно доживување – детство, а во тоа најмногу  можат да придонесат родителите преку родителските совети. Преку предлозите, сугестиите и мислењата во планирањето и реализирањето на програмските активности, вклучувајќи ги во воспитно-образовните активности. Пример ако родителот лекар, уметник, градинар, и слично, согласно нивната професионалност во договор со воспитувачот  треба да реализираат заеднички програмски воспитно-образовни содржини. Наведениот пример ја потврдува тенденцијата на взаемно соработување со родителите како тенденција која се’ повеќе е присутна во практиката. Наведените примери ја потврдуваат основата на креативноста на воспитувачите, родителите и другите стручни профили кои настојуваат осмислувањето и креативноста да ја негуваат токму од  предучилишната возраст, зашто на таа возраст постојат реални и оптимални основи и можности.

Од стручно-научните сознанија за семејството како примарна институција за примарна социјализација и воспитување кое е проучувано и се уште се проучува од причини што семејството е примарен фактор за грижата, негата, воспитанието и понатамошното развивање воспитување и образование за личноста на детето.

Како резултат на тоа општеството  за да го продолжи континуитетот за грижата и понатамошното развивање и унапредување согласно стручно-научните сознанија отварало и отвара предучилишни институции со разновидни форми опфаќање за сите возрасти за сите интереси од сите социјални средини и категории и при сето тоа од посебно едуциран образован кадар на Педагошките-наставничките факултети кои согласно  научните сознанија, тенденции и законитости врши едукација на децата, младото поколение, зашто на тој план имаме значајни постигања во опфатот на децата, во згрижувањето, во воспитанието и образованието, во истражувањата на планот на  предучилишното воспитание и образование, во издавачко-публицистичката дејност и во перманентното стручно образување на кадрите кои треба да биде на повисоко ниво во соработка со Педагошко-наставничките факултети, со посредство на Бирото за развој на образованието.

Согласно напред изнесените сознанија за грижата, третманот и поставеноста на децата во повеќе земји, општества и средини се укажува од потреба за меѓународна соработка и подобрување на животните услови на секоја земја, а посебно во земјите во развој и земјите во транзиција.

Во таа насока слободно можам да нагласам и нашата држава Македонија која се наоѓа во транзиција подолг временски период презема соодветни мерки и активности за подобрување на условите за раст, развој и воспитание што слободно можам  да нагласам дека многу одредби од Конвенцијата за правата на детето, вградени се во Уставот на Република Македонија, Законот за семејство, Законот за заштита на детето, Законот за основно и средно образование вклучувајќи и Законот за здруженија на граѓаните и фондациите.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес