Откако во еден македонски медиум беше прикажан прлог за семејството Миташеви од Лозово кое живее во лоши социјални услови и има потреба од помош, надлежните институции и граѓаните експресно реагираа.
Социјални работници од светиниколскиот Центар за социјални работи веќе го посетиле семејство и се разгледуваат можностите за остварување на некое од правата за социјална заштита.
Стручни тимови од социјални работници и психолози ќе работат интензивно на психосоцијална поддршка и поддршка во секојдневното живеење. Исто така Центарот ќе додели и еднократна парична помош за набавка на огрев а таква помош ќе додели и министерството за труд и социјална политика. Двајца членови од семејството веќе го остваруваат правото на постојана парична помош.
И Црвениот крст на Македонија се вклучи во акција за помош на Миташеви во храна, облека, обувки, хигиенски препарати.
Се обративме и до општина Лозово каде што ни изјавија дека години наназад општината го помага семејството со материјални и парични средства и дека во рамки на сопствените можности таа помош ќе продолжи во доизградба на нивниот дом.
И во овој случај се покажува дека соработката на институциите и нивната брза реакција како и солидарноста на граѓаните им помага на семејствата да го надминат социјалниот ризик и да ја почувствуваат грижата на државата.