Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски ги посети македонските дипломати кои заедно со експерти за енергетика, претставници од Министерството за економија, СЕП и Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, последните три дена во Охрид присуствуваат на Семинар од областа на енергетиката организиран од Дипломатските академии на Министерството за надворешни работи на Република Македонија и на Република Бугарија, спонзориран од баварската фондација „Ханс Зајндел”.
На предавањата од неколкумина бугарски експерти во оваа област, во фокусот беа ставени стратешкото значење на енергетиката и енергетските поврзувања во регионот. „Енергетските прашања имаат големо влијание врз светската геополитика, a истовремено претставуваат значајно стратешко прашање за секоја земја поединечно , истакна во своето предавање Амбасадорот Лачезар Матев од Република Бугарија.
Славчо Нејков, експерт за енергетика од Република Бугарија во рамки на своето предавање ја нагласи важноста од зборувањето во еден глас на земјите од регионот.
Кога станува збор за енергетска соработка, не станува збор за мали и големи земји. Таа е особено релевантна за земјите од југоисточна Европа, при што заедничкиот пристап е неизбежен. Ако нашите народи сакаат да имаат големи инвестиции во овој сектор, да не заборавиме дека тоа ќе ни донесе поголема стабилност и просперитет во регионот. Република Македонија има и ќе има адекватно место во овој процес, истакна Нејков.
Во рамки на предавањата, дебатираа и дел од учесниците.
Како претставници од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, учеството на семинарот за енергетска дипломатија е од голема корист за нас, бидејќи сме директно вклучени во процесот на примена на европското законодавство од областа на енергетиката кај нас. Преку искуствата што ги споделија предавачите, се запознавме со проблематиката од областа на енергетиката со кои се соочила Република Бугарија при исполнувањето на условите за влез во Европската Унија, како и со енергетските поволности кои ги ужива денес како членка на ЕУ, истакна Маријана Костадиновска од Регулаторна Комисија за енергетика.
За директорката на Дипломатската академија при МНР на РМ Аделина Марку, ваквите обуки се од особено значење како за нашата држава така и за регионот.
Овој семинар е уште еден успешен проект во серијата реализирани активности помеѓу дипломатските академии при МНР на РМ и Бугарија. Овој Семинар претставува пример за тоа како може да соработуваме меѓу земја членка и кандидат за ЕУ на стратешки значајни теми, воедно со германска поддршка, заклучи Марку и најави нови вакви соработки.