Сепаратистите во Донбас известуваат за враќање на загубени области и големи украински загуби

Украинската војска само во правецот Николаево- Кривиј Рог на југот од Украина во борбите во последните 24 часа загубила 300 војници, соопшти во петокот во дневниот брифинг за борбените операции руското Министерство за одбрана, а проруските сепаратисти од Доњецк на истокот објавија дека руските сили ја вратиле контролата врз местата Отрадовка и Веселеја Долина кои ги зазема украинската војска во своите напредувања на почетокот од својата офанзива минатиот месец.

„Според ситуацијата на теренот на 7-ми октомври 2022 година, на територијата на Доњецката Народна Република, групацијата војски од Доњецк и Луганск, со огнена поддршка на вооружените сили на Руската Федерација ги ослободија Отрадовка, Веселеја Долина и Заицево“, се вели во објавата на Telegram каналот на штабот на проруските сепаратисти.

Станува збор за села на десетина километри од Артемовск, недалеку од Заицево, од каде ден претходно беа принудени да отстапат украинските сили кои останале без можност да добијат засилување. Според силите на Доњецк, загубата на украинската војска во овие борби изнесувала 120 загинати војници и уништени три пешадиски борбени возила.

Претходно Пушилин изјави дека поради офанзивата во правецот на Купјанск, украинската војска ја повлекла резервата од Артемовск поради што остатокот од силите биле принудени да се повлечат.

Овие места последниот месец често минуваат под контрола на едната или на другата завојувана страна, во прв ред поради големата должина на фронтот што од двете војски бара постојано преместување на тежиштето на ударите и напуштање на позициите кои тешко може да се бранат.

Истовремено руското Министерство за одбрана објави податоци во кои тврди дека во правецот на Николаев- Кривиј Рог, на југот на Украина, во борбите во последното деноноќие загинале повеќе од 300 украински војници, а биле уништени и седум тенкови, 13 оклопни борбени возила и 17 други воени возила.

Се додава дека украинската војска со сила до пет баталјонски тактички групации се обидела да организира офанзива врз неколку места во регионот Херсон и едно во регионот Николаев, но дека руската војска успеала да ги потисне зад почетните позиции.

„Во текот на борбите во регионот на селото Пјатихатка во Херсонската област (…) беше уништена четната тактичка група на 60-та пешадиска бригада на Вооружените сили на Украина“, се додава во објавата на Москва.

Обид за напредување на украинската војска бил одбиен и во неколку места во правецот на Купјанск. Загубите на Киев на оваа локација изнесувале повеќе од 80 војници, самоодна хаубица од германско производство со прецизно наведувана муниција, пет тенкови, четири пешадиски борбени возила и десет други видови возила.

Во областа на Лиман (Красниј Лиман), пропаднал обидот на украинските единици да ја минат реката Жеребец, при што загинале 30 нивни борци, две борбени пешадиски возила, пет оклопни возила и пет пикапи со тешки митралези.

Изминатото деноноќие активни биле и руските воздухопловни сули кои со високопрецизно оружје дејствувале врз фабрика за ремонт на ракетно и артилериско оружје. Руската авијација, исто така, уништила шест командни пункта на украинската војска, 53 артилериски оружја на борбени позиции, жива сила и воена техника во 162 окрузи на територијата на Украина.

Уништени се и две складишта за муниција на 56-та моторизирана бригада на украинската војска во близина на градот Запорожје во Херсонската област.

Руските противвоздушни системи успеале да соборат украински хеликоптер „Ми-8“, четири беспилотни летала, 21 проектил од повеќекратните ракетни системи HIMARS и Adler, како и четири противрадарски ракети HARM.