Сер Алекс Фергусон доживеал мозочен удар

Поранешниот менаџер на Манчестер Јунајтед (76) изутринава бил однесен во болница, по доживеан излив на крвта во мозокот и неговата состојба е критична, објави „Гардијан“.

Сер Алекс Фергусон денес беше подложен на итна операција за хеморагија на мозокот. Постапката помина многу добро, но му треба период на интензивна нега за да го забрза неговото закрепнување. Неговото семејство бара приватност, информираа од „Манчестер јунајтед“.

Синот на Фергусон, Дарен, менаџер на „Донкастер“, го пропушти финалниот натпревар на својата екипа во англиската Лига 1 поради ситуацијата со својот татко.

Фергусон освои 13 титули во Премиерлигата за време на 27-годишното владеење на „Олд Трафорд“, а два пати го крена пехарот на Лигата на шампионите во 1999 и 2008 година. Тој, исто така, освои пет ФА купа и четири лигашки купа пред да се повлече од функцијата менаџер на Јунајтед во мај 2013 година.

Фергусон беше на „Олд трафорд“ минатата недела, на мечот меѓу „Јунајтед“ и „Арсенл“ кога му даде комеморативен трофеј на менаерот на „Топџиите“, Арсен Венгер.

Клупскиот капитен на Јунајтед, Мајкл Керик, рече дека е „скршен“ откако дознал дека неговиот поранешен менаџер претрпел итна операција.

Сите мои мисли и молитви се со него и со неговото семејство. Биди силен, шефе, напиша тој на Твитер.