Серафимовска: Скандалозното носење на националната стратегија за заштита на културното наследство потврди за несериозноста на власта да го заштити статусот на Охрид во УНЕСКО

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека владата на скандалозен и нетранспарентен начин ја носи Националната стратегија за заштита на културното наследство за периодот од 2021 до 2025 година и со тоа  се обидува да донесе уште еден исклучително штетен документ со кој се поткопува статусот на Охрид во УНЕСКО.

Пратеничката Велика Стојкова Серафимовска на денешната прес-конференција рече дека само од предложените мерки и механизми во предлогот може да се заклучи дека тимот кој работел на нејзина подготовка покажува банално непознавање на материјата, законите и законските регулативи, правилниците и други подзаконски акти со кои се регулира заштитата на културното наследство.

– Зборуваат за дигитализација и немање соодветна опрема, а средства за купување на опрема во овие институции немаше ниту во Буџетот за 2020, ниту во Буџетот за 2021 година. Зборуваат за евиденција и документација, а единствениот Национален систем на културно наследство не функционира од февруари, 2018-та година. Зборуваат дури и за отворање на Центар за дигитализација, а притоа целосно го занемаруваат финансирањето на веќе постоечниот Центар за дигитализација кој е и УНЕСКО-ов Центар од втора категорија за регионот на Југоисточна Европа. Зборуваат за зајакнување на човечките капацитети, а изминативе години токму тие вработија сериозен број на партиски членови во институциите од областа на заштитата. Зборуваат за некакво вмрежување на институциите, а и самите не ги знаат ингиренциите на истите – рече Стојкова Серафимовска.

Според неа, предложената Национална стратегија за заштита на културното наследство е несериозен документ кој повторно покажува непочитување кон исклучително богатото движно, недвижно и нематеријално културно наследство во Македонија.

– Ваквиот однос уште еднаш ја потврдува агендата на оваа влада за обезличување на идентитетските маркери и обележја чиј носител е токму културното наследство. ВМРО-ДПМНЕ секогаш покажува длабока почит кон културното наследство и неговата функција во општеството и заедниците. ВМРО-ДПМНЕ секогаш покажува дека знае како бидејќи ВМРО-ДПМНЕ почитува знаење, ум и разум, а не политиканство на штета на државата. Затоа, време е за оставка  – рече Стојкова Серафимовска.