Серена: Моника Селеш беше мојата инспирација

Најдобрата тенисерка на денешницата, Американката Серена Вилијамс, истакна дека поранешната српска тенисерка Моника Селеш, била нејзината голема инспирација на почетокот од кариерата.

Вилијамс ја престигна тенисерката од Нови Сад на петтото место на сите времиња по бројот на недели минати на врвот на ВТА листата.

„Не можам да верувам дека успеав да го направам ова. Да се достигне нивото на Моника е нешто посебно за мене , бидејќи секогаш сум се воодушевувала на нејзините резултати и игра на теренот. Моника беше мојата омилена тенисерка, моја омилена спортистка и инспирација“, изјави Вилијамс.

Серена од понеделник ќе биде 178 недели на првото место на ВТА листата , додека Селеш на ова место се задржа една седмица помалку.

Пред Серена е Штефи Граф со 377 недели, Мартина Навратилова 332, Крис Еверт 260 и Мартина Хингис со 209 недели.