
Во вечерниот саботен дуел во рамките на 32-то коло на италијанското фудбалско првенство, Аталанта на гостински терен со 2:1 го совлада Торино.
Аталанта поведе во 34 минута, кога Запакоста направи сѐ сам и жестоко ја погоди мрежата на клубот во кој играше од 2015 до 2018 година. Во продолжение играта целосно се отвори и двете екипи имаа многубројни убави шанси. Торино израмни во 75 минута кога Санабрија најдобро реагираше на одбиената топка и од непосредна близина погоди за 1:1. Натпреварот беше решен во 88 минута, а Колумбиецот Дуван Запата маестрално се снајде и откосо погоди за победа на клубот од Бергамо.
Торино остана на 12-то место, додека Аталанта се најде на шестото место и има два бода помалку од Милан и Рома.
Претходно во првиот саботен натпревар фудбалерите на Рома и Милан одиграа 1:1 на римски „Олимпико“. Тоа беше натпревар со малку можности во кој домашните беа за нијанса подобра екипа во првото полувреме. Дуелот продолжи во прилично бавен ритам, а најдобрата шанса гостите ја имаа во 60 минута, кога по убавото нафрлување на Рафаел Леао, Саелемакерс шутираше за малку над гредата.
И кога се очекуваше крајот на натпреварот без голови, домашниот напаѓач Тами Абрахам брилијантно реагираше. Ја прими топката меѓу двајца противнички играчи и го погоди спротивниот агол од гостинската мрежа за 1:0. Тоа беше негов осми првенствен гол сезонава. Но, тоа не беше крајот на овој натпревар, Милан израмни во 98 минута. Уфрлената топка ја пречека Саелемакерс на втората статива и нечуван од никого ја смести топката во мрежата за конечните 1:1.
Со тоа Милан и Рома останаа изедначени на табелата. Милан е четврти а Рома петта, и имаат два бода помалку и натпревар повеќе од Јувентус на третото место.
Сите преостанати натпревари од ова коло се играат в недела, а се среќаваат Интер – Лацио, Кремонезе – Верона, Наполи – Салернитана, Сасуоло – Емполи, Фиорентина – Сампдорија и Болоња – Јувентус.